Почина кумановскиот актер Сафедин Нуредини

Сподели со своите пријатели

По тешко боледување на 63-годишна возраст вчера почина актерот на албанскиот театар Сафедин Нуредини. Тој е роден во 1953 година во Куманово, а во 1977 година дипломираше на Академијата за драмски уметности во Скопје.

Потекнува од актерско семејство, брат е на Ќазмедин Нуредини, актер при албанската драма на Театар Куманово и татко на режисерката Шќипе Нуредини.

Зад него се стотина ликови од кои најголем дел носечки. Во периодот од 1991 до 1995 година беше директор на Албанската драма, а потоа, едно време, од 2000 година беше и генерален директор на Театарот на народностите – Скопје.

Од големиот актерски опус на Сефедин Нуредини ќе ги паметиме ликовите на Зедридеси („Планета на мрзливците“), Соколе Ефрутоски („Големата вода“), ликовите во претставите „Матуранти“, „Политичко венчавање“, ликот на Поручникот („Да се спаси надежта“), потоа во претставите „Нита“, „Глувци и луѓе“, „Скротител на луѓе со смарагдни очи“, „Најтешкиот испит“, „Јас, Халил Гарија“, „Хамлет од Долно Мрдуши“, „Пахинтика во сон“, „Дожд во Уертемонто“, „Сауна“, „Сурати“, „Хамлет“, „Гробишта на автомобили“, во „Таинствени седенки“, „Војцек“… го одигра Прометеј во „Прометеј“… Последен лик му е Џо Келер во „Сите мои синови“ чија премиера беше кон крајот на октомври 2016 година. Со тој лик, најверојатно свесен за болеста која го разјадува, Сејфо беше брилјантен но и свесен дека се „збогува“ со сцената. Претставата имаше само премиера – тешката болест го правеше своето…

За одиграните ликови доби повеќе награди, меѓу кои се „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ за ликот на Поручникот во „Да се спаси надежта“, наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за Прометеј во „Прометеј“, наградата „Александар Мојсиу“ на Националниот фестивал на професионалниот албански театар (Албанија) – напиша Лилјана Мазова.