Пет кандидати за градоначалници и седум советнички листи доставени до ОИК Куманово

Сподели со своите пријатели

Седум листи со кандидати за советници и пет кандидати за градоначалници до вчеравечер на полноќ биле доставени до Општинската изборна комисија во Куманово.

Кандидати за градоначалници доставиле пет политички партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, БЕСА и Алијансата за Албанците, а листи со советници, но без кандидати за градоначалник имаат Левица, ДУИ и Алијанса на Албанците (УНИТЕТ и НДП), информираше претседателот на ОИК Куманово, Ѕвонимир Николовски .

„Има ситни забелешки нема никакви проблеми, во однос на комуникација со подносителите или слично, се работи за некои технички работи на кои им е укажано и ќе им се даде се за да во текот на денот се надевам и дека ќе донесат и тоа ќе се стави во поднесените листи. Во детали се гледаат сите документи, да се видат техничките грешки имаме изборник законик, правилник и мора да се придржуваме се да биде во ред, да нема забелешки“ – изјави Николовски.

На полноќ истече законскиот рок за доставување на кандидатурите, а пред самиот истек тоа последна го стори Коалицијата за подобра Македонија од ВМРО-ДПМНЕ. Кандидат за градоначалник е хирургот Зоран Ѓорѓиевски. Носител на листата советници е предстедалот на општинскиот комитет, Драган Петковски. Листата советници има мали измени во однос на минатите избори, претежно кај коалционите партнери.

За прв пат на овие локални избори ќе учествува и Левица. Кандидатските листи ги доставија вчера попладне. Немаат кандидат за градоначалник, но имаат 33 кандидати за советници колку што членови брои и советот на Општина Куманово. Носител на листата е Сотир Лоловски, дипломиран електриинжинер информатичар, вработен во приватниот сектор.

Согласно роковникот на ДИК, општинската изборна комисија има 48 часа за утврдување на евентуални забелешки.