Пеш од Берлин преку Куманово до Алепо против војната во Сирија (фото)

Сподели со своите пријатели

Со бели знаменца, пеш од Берлин до Алепо триесетина членови ќе ја носат пораката за мир во Сирија со која ќе го подигнат јавното мислење за ставање крај на војната во оваа земја која трае веќе над шест години.

Од Берлин тргнала група од околу 600 активисти, но останале само најупорните и најиздржливите. Суровата зима не ги поколебала во нивната намера да пристигнат во Алепо, а вчера пристигнаа и во Куманово. Дел од нив го посетија и манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, каде за нашата новинарска екипа ги раскажаа своите доживувања од патешествието започнато во декември минатата година.

Ова ќе бидат 115 дена од дневно пешачење, во некои градови остануваме по два дена, како на пример во Скопје за да го запознаеме градот и граѓаните, да размениме мислења со нив за војната и мировниот марш, зошто го правиме ова, колку е корисно и што сакаме да им прикажеме на луѓето. Има едноставна порака, секогаш кога ќе преминеме граница и кога влеговме во Македонија, граѓаните се екстремно добри со нас, светот е мирен, со мирни луѓе и нема потреба од војни, тие се креирани од некои интереси, но пред се сите сме добри луѓе и сите сакаме да живееме во мир, апсурдно е да се бориме едни против други – изјави Оу Тван, член на маршот за Алепо.

Loading...

Чекорат по обратната рута на сириските бегалци кои пред затворањето на границите пристигнаа во Европа. Преку Германија, Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, до Грција и Турција. Таму ќе се обидат да влезат во воената зона. Велат дека се свесни за безбедносниот ризик во Сирија, но се одлучни нивната порака за мир да допре низ целиот свет.

Бразилецот Едгар, кој е адвокат по криминално и човеково право маршот го започнал пред два месеци во Виена. вели дека е тешко, но дека ќе се обидат со пораката и маршот да ги променат работите во Сирија.

Цивилниот марш ја носи пораката на мирот и идејата е да се прошири пораката за мир за да им покажеме на луѓето дека движењето за мир може да ги промени работите и може да се обидеме да најдеме заедничко решение за војната. Одлично ја познавам ситуацијата во Сирија, бев таму минатата година и ова е што е убавото за овие луѓе и цивилниот марш. Ги знаеме ризиците, знаеме дека е опасно, ги следиме секојдневно информациите од таму од медиумите и луѓето кои се таму, но не е важен ризикот,  ако жителите на Сирија можат да се соочат со таква ситуација и ние можеме да соочиме – вели Едгар.

Десеетина нации, од различни возрасти се дел од маршот кој успеал да ја преживее суровата зима во Европа.

Беше доста студено, посебно кога влеговме во Словенија, па пиевме повеќе. Се шегувам не пиевме толку многу, но бевме подготвени дека зимата ќе биде студена, во Чешка беше и -15 степени, но добро сме опремени и имаме екстремно организирани луѓе кои не поддржуваат и ни обезбедуваат сместување секоја вечер откако го напуштивме Берлин, што е доста прекрасно, затоа што не го очекувавме ова и до сега преживуваме и уживаме – изјави Оу Тван.

Дефинитивно беше тешко, чекориме секој ден десетици километри, но кога верувате во пораката, во проектот, не е важен предизвикот, не е важно колку е тешко, ако се држите заедно и верувате може да успеете, нема ништо посилно од вашето срце – вели Едгар.

Во манастирот „Свети Ѓорѓи“ имаа можност да одморат и да уживаат во гостопримството на ѓакон Дејан Зец, пробаа македонска ракија и вино, за кои велат дека се силни, но помагаат во услови кога температурата е ниска.

 

За крај на нивниот престој во Куманово, направија заедничка фотографија од Старо Нагоричане и бргу пред зајдисонце пеш се упатија кон Скопје каде денеска ќе се запознаат со тамошните жители на кои исто така ќе им ја пренесат пораката за Алепо. Од таму прегу Грција и Турција, со белите знаменца ќе одат за Алепо, местото кое стана симбол на хоророт од војната на големите сили и Исламската држава.