Одбојкарките на СВСК на чекор до пехарот

Сподели со своите пријатели

Одбојкарките на Сити Волеј Славков и Куманово се на чекор од освојување на македонскиот шампионат откако вчеравечер на домашен терен остварија втора победа во финалето против составот на Јанта Волеј од Скопје.

Третиот меч кој требаше да се одигра во Скопје, поради проблеми со организацијата сепак беше одигран во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ во Куманово, каде со резултат 3:2 во сетови кумановки поведоа во финалните мечеви.

Предноста од 2:0 во сетови која ја имаа гостинските одбојкарки сепак не беше доволна во борбата против мотивацијата на СВСК. Избраничките на тренерот Славков во продолжението од средбата победија три сета и по над два часа игра триумфираа со вкупен резултат 111:98.

Само уште една победа ги дели одбојкарките на СВСК од подигнување на шампионската титула. Веќе утре ќе се одигра четвртиот меч во спортската сала „Невена Георгиева – Дуња“ во Скопје каде доколку Јанта Волеј обезбеди победа ќе следи и петтиот натпревар кој би се одиграл на 20ти или 21ви мај.

Одбојкарките на СВСК го подигнаа и пехарот во Купот на Македонија, откако во финалето го совладаа токму составот на Јанта Волеј.

 

Loading...