Од идната година ќе се затворат седум општински депонии во Источиот и Североисточниот регион

Сподели со своите пријатели

Источниот и Североисточниот регион први почнуваат со имплементација на студиите за интегрирано управување со отпад.

Од наредната година ќе се затворат седум општински депонии и 71 дива депонија во двата региони со што започнува првата фаза, за да се стигне до имплементацијата на интегрираниот систем за управување со отпад и отворање на регионалната депонија за двата региони која ќе биде сместена кај Мечкуевци, Светиниколско.

Живка Михајлова раководител на Служба за управување со отпад потенцираше дека во текот на 2018 треба да дојде до реализација на првата фаза на затворање на дел од депониите кои нема да бидат оперативн, но и ќе се набавува соодветна опрема која ќе се стави на располагање на јавните комунални претпријатија и општините.

– Целиот систем на интегрирано управување со отпад и регионалната депонија, според проекциите, треба да профункционира во 2023 година. Не станува збор само за регионална депонија, тоа е еден целосен интегриран систем за управување со отпад што подразбира фабрика за механички билошки третман, прочистителна станица за отпадни води, место каде ќе се компостира зелениот отпад, и дури на крајот доаѓа регионалната депонија каде ќе се депонира помалку од десет отсто од отпадот. Современиот систем треба да донесе селектирање и рециклирање на 65 отсто од отпадот, а тоа значи и почиста животна средина, истакна Михајлова.

Инаку, во двата региони до отворањето на регионалната депонија ќе останат да функционираат претоварните станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце, Куманово. Од инвестицијата за интегрирано управување со отпадот целосно поддржана од ЕУ преку ИПА програмата, корист ќе имаат 18 општини и 370.900 граѓани.

Извор: МИА

Loading...