Обвинетите во Диво насеље влегле за да одржат прес конференција

Сподели со своите пријатели

Неимплементирањето на Охдридскиот рамковен договор била причината поради која обвинетите за тероризам влегле во населбата Тоде Мендол на 9ти мај каде сакале да одржат прес конференција на која ќе ги алармираат властите за проблемот, ова вчера го рекол пред судијата обвинетиот Сами Укшини или познат како Командант Соколи.

Во Македонија со уште неколку лица влегол илегално ноќта меѓу 1 и 2 мај 2015 година од Косово, преку граничен премин кој не е признаен од македонската страна и како што изјавил првин биле сместени во празни куќи во селото Белановце, таму ги пречекале други лица кои го вооружале и им дале униформи на УЧК. Од таму пак пеш се упатиле во Липково каде преспале во планините, а на 3 мај со комбе биле однесени во населбата Тоде Мендол, позната како Диво насеље.

 

Loading...

 

Негира дека е организатор на групата, а таа функција им ја додели на Мирсад Ндрецај и Бег Ризај кои беа убиени со престрелката со полицијата и дека причината поради која прес конференцијата не била одржана ја знаат само тие. Тој призна дека учествувал во воениот конфликт од 2001 година.

На 7 и 8 мај ги предупредив Мирсад Ндрецај и Бег Ризај дека треба да ја напуштиме Дива населба затоа што веќе станува ризично и им реков дека по секоја цена мора да си одиме. Ми одговорија да бидам спокоен и да не се грижам и дека се е средено, а во Дива населба ќе сме останале до 19 мај – рекол Сами Укшини во својот исказ, а пренесуваат националните медиуми.

 

 

Рекол дека доколку тој бил организатор на групата работите ќе можеле да излезат на полошо, а прашан што значи полошо, вели дека кога во случај кога 900 полицајци напаѓаат 32 лица, а тој да бил командант во акцијата, бројот на загинати не ќе изнесувал 18, туку 200 лица.

Според Соколи, тие немале намера да војуваат туку кога ќе падне ноќ да го пробијат полицискиот обрач и да ја напуштат населбата, а поради тоа претходеле и преговори со мисијата на ОБСЕ во Македонија за предавање на полициските службеници, што и се случило околу 19 часот. Тој не спомена имиња на политичари вмешани во целиот случај, иако неговата одбрана претходно го најавуваше тоа.

 

Loading...

 

Вели дека биле нападнати од безбедносните сили со голем арсенал оружје и дека е можно при пукањето во конфузијата, полицајците да си убиле свои колеги. Настанот според него бил политички мотивиран, а поддршката им дошла од Македонија, но на прашањето од кој, рекол дека тоа го знаат само Ндрецај и Ризај.

Укшини се пожали дека биле малтретирани по приведувањето од страна на полицијата и вели дека доколку го знаел тоа никогаш немало да се предаде на властите. Ја призна вината, но вели дека не се чувствува виновен, а себе се опишал како патриот и заштитник на правата на Албанците.

 

 

На следното рочиште свој исказ ќе даде Мухамед Красниќи, алијас Командант Малишева кој е исто така еден од 37те лица обвинети за тероризам.