Нулта толеранција за узурпирање на паркинг местата, најави Димитриевски

loading...

Од денеска нема да се толерира непрописното паркирање и неплаќање за паркинг услугите во централното градско подрачје, ова денеска го најави и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој на третата седница на Советот најави дека тоа е една од мерките со која локалната самоуправа ќе настојува да се справи со сообраќајниот хаос во градот.

– Од денеска со Министерството за внатрешни работи и ЈП „Куманово паркинг“ започнува нулта толеранција за узурпирање на паркинзите и тоа нема да застане тука. Граѓаните треба да се однесуваат коректно согласно законот и да ги почитуваат паркинг местата за зонско паркирање, рече Димитриевски.

 

 

На ова се надоврза и советникот Фериз Дервиши кој рече дека треба да се спроведе акција од јавните прометни површини да бидат отстранети сите хаварисани возила кои сопствениците ги оставиле и ги препуштиле на забот на времето.

– Напуштените возила од јавните површини од денеска да се отстрануваат и контејнерите кои зафаќаат места на паркингот и тротоарите да се изнајде начин да бидат поместени со цел да се ослободи тој простор за паркинг. Исто така сопствениците на дуќаните да не узурпираат јавни површини. Да се направи контрола на тие паркинзи, рече Дервиши.

 

Во предлог програмата за развој на Општина Куманово за 2018 година предвидена е изградба на монтажна катна гаража на веќе постоечки паркинг простор, а градоначалникот Димитриевски ги повика граѓаните кои имаат простор од ваков тип и може да се искористи да дојдат со предлог до општината за јавно-приватно партнерство.

На прашање на советникот Осама Мусадини зошто не функционира единствената катна гаража во градот кај зелениот пазар, Димитриевски вели дека и тој додека бил советник и претседател на советот го поставувал истото прашање. Притоа објасни дека тоа е приватна инвестиција, а дека воедно инвеститорот побарал преквалификација на просторот од катна гаража во трговски објект, за што најави дека општината нема да издаде дозвола.

 


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments