Нелегален софтвер пронајден и во дизел моторите на Мерцедес

Сподели со своите пријатели

Американски истражители наводно пронашле нелегален софтвер во дизел моторите на германската компанија Дајмлер, која го поседува брендот Мерцедес-Бенц. Програмата овозможувала компанијата со мамење да ги мине тестовите за емисија на штетни гасови.

Од 2015 година, дизел моторите на сите производители на автомобили се „под лупа“, особено во САД, откако беше утврдено дека во Фолксваген инсталирале таен софтвер во над половина милион возила со кој ги минале тестовите, и покрај емитувањето на дури 40 пати повеќе штетни гасови над дозволеното.

Истражителите наводно пронашле софтверска функција наречена „Слипгард”, што препознава дали автомобилот е подложен на тестови во лабораторија, а на основа на образец на забрзувањето.

Неделникот „Билд ам Зонтаг”, повикувајќи се, меѓу другото, и на електронските преписки на Дајмлер, наведува дека е пронајдена и функцијата „Бит 15″ која го исклучува пречистувањето штетни гасови по 26-от километар возење.

Софтверските апликации помагаат за намалување и регулирање на системот со Ад-Блу течност, којшто помага во елиминирањето штетни издувни гасови. Нивната употреба значи дека некои Мерцедес дизели емитуваат до десет пати повеќе од дозволената количина штетни материи.

Претставник на Дајмлер за медиумите одби да ги коментира овие наводи, истакнувајќи дека целосно ќе соработуваат со американските власти, и дека се обврзале на доверливост во истрагата со германското Министерство за правда.

– Властите се запознаени со документите и ниедна официјална жалба не е поднесена. Документите достапни за „Билд“ се очигледно селективно објавени, за да им се нанесе штета на 290.000 вработени во Дајмлер, нагласува портпаролот на компанијата.

Казната за Дајмлер би можела да биде доста висока, а веројатно ќе мораат и да повлечат од продажба многу од возилата, доколку американските и германските служби утврдат неправилности. За споредба, аферата „дизелгејт” Фолксваген досега ги чини 30 милијарди долари./МИА

Leave a Reply