Навреме отворени сите избирачки места во Куманово и Старо Нагоричане

Сподели со своите пријатели

Сите 167 избирачки места на територијата на Општина Куманово утринава точно во 7 часот се отворени и гласањето се одвива без никакви проблеми, информира Ѕвонко Николовски од ОИК Куманово.

Точно во 7 часот се отворени избирачките места, гласачкиот материјал кој остана од вчерашното гласање е преземен и дистрибуиран до гласачките места до 06:20, по што гласањето започна точно во предвиденото време. Засега гласачкиот процес се одвива без проблеми, изјави Николовски.

Право на глас во Општина Куманово имаат 92.639 гласачи.

Навреме се отворени и избирачките места во Општина Старо Нагоричане, информираше претседателот на тамошната Општинска изборна Комисија, Драган Јовановски.

Во Старо Нагоричане право на глас имаат 3.428 жители, а гласањето ќе се врши на 37 избирачки места.

Се обидовме да добиеме информација дали избирачкиот процес е започнат во предвиденото време во Општина Липково, но тамошниот претседател на општинската комисија, откако се претставивме ни рече дека е во гужва и не сакаше да ни даде информации.