Народен правобранител: Училиштата не се прилагодени за децата со попреченост

Сподели со своите пријатели

Речиси половина од средните училишта немаат пристапна влезна рампа на влезот, а осум училишта кои имаат ученици со попреченост се потполно физички непристапни. Пристапни тоалети има во 13 проценти од училиштата, а внатрешен лифт за движење меѓу спратовите има само во две училишта, истражувањето на Народниот правобранител за вклученоста на децата и младите со посебни потреби во средното образование.

Истражувањето покажува и дека 74 училишта не располагаат пристапни (приспособени) педагошко-дидактички помагала и наставни средства, иако во 45 од нив има ученици со попреченост. Само 12 училишта, или 13,2 проценти располагаат со вакви помагала и нагледни средства. Во повеќе од половина од вкупниот број средни училишта нема вработено дефектолог.

Извештајот од ова истражување беше презентиран во средното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје по повод Меѓународниот ден на човекови права.

Народниот правобранител Иџет Мемети на презентацијата на Извештајот истакна дека образованието, такво како што е во моментот повеќе е обид за интеграција отколку инклузија на децата со попреченост,  а законите кои ја уредуваат оваа материја не ја препознаваат попреченоста како основ за дискриминација.

Отсуствуваат прилагодени и соодветно опремени училишта со потребните ресурси (материјални, технички, кадровски) за непречено остварување на правото на образование на децата со попреченост во редовното образование. Загрижува, вели тој, и неприфаќањето  на учениците од страна на оние кои се без попреченост,  мислењето на возрасните, особено на наставниот кадар дека местото на децата со попреченост е во посебните, а не во редовните училишта.

– Правата на децата и лицата со попреченост се човекови права, а образованието е едно од најважните сегменти кои треба да претрпат промени, во насока на ефикасно, пристапно и достапно право за сите деца со попреченост, рече Мемети.

Извештајот е изготвен врз база на податоците од анкетните прашалници доставени до сите средни училишта во Македонија, како и од спроведената анализа на законската регулатива.

Извор: МИА

Loading...