Нападнати новинари на агенцијата „Мета“ и „Радио Слободна Европа“

Сподели со своите пријатели

Неколку новинарски екипи биле нападнати во текот на синоќешните демонстрации и насилни влегувања во Собранието на Република Македонија. Станува збор за новинари на „Радио Слободна Европа“ и агенцијата „Мета“, кои освен што останале без опрема биле и физички нападнати.

Вчера во 21.45 часот во ЕИК Скопје, Т.Д. (37) од Скопје, новинар во новинска агенција „Мета“, пријавил дека истиот ден околу 19.40 часот во прес салата во Собранието на Република Македонија, додека фотографирал како со неговиот приватен мобилен телефон, од страна на пет непознати лица му било извршено разбојништво, информираат денес од Министерството за внатрешни работи.

Најпрво му пришло едно лице и му се заканило дека физички ќе го нападне доколку не престане да снима со мобилниот телефон. Потоа му се придружиле уште четири лица кои физички го нападнале, удирајќи со клоци и тупаници во пределот на главата, нанесувајќи му видливи повреди во пределот на лицето. Притоа, едно од лицата му го одзело телефонот и продолжиле да го удираат. Од страна на непознато лице бил извлечен во бифето и изнесен надвор од Собранието.

Во 01.50 часот по полноќ во ЕИК Скопје, Г.С.З. од Скопје, новинар од Радио „Слободна Европа“, пријавила дека на 27.04.2017 година околу 19.40 часот, пред главниот влез на Собранието на Република Македонија, додека извршувала работни задачи, лицето Е.Ј. од Крива Паланка од раката насилно и ја одзело и скршило службената камера. Додека си ја барала камерата, од страна на толпата била удрена во пределот на грбот.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.