На четири јазици ќе се промовира туризмот на градот

Сподели со своите пријатели

Освен на македонски и албански јазик, локалната самоуправа ќе го промовира туристичкиот потенцијал на градот и на српски и ромски јазик преку проектот „Visit Kumanovo“. Така денеска одлучија советниците на 68-та седница на Советот на Општина Куманово.

Плодна дебата развија советниците за оваа точка и дадоа различни мислења за тоа како градот да привлече повеќе туристи. Додека етничките заедници бараа флаерите и промотивниот материјал да биде испечатен и на другите јазици.

Само од Општина Куманово надвор од државата имаме над 2.000 Роми од кои сигурно 1.000 се враќаат и кога престојуваат во Куманово одат во тури до Скопје таму да ги трошат своите средства, таму да го разгледуваат градот Скопје. Затоа би сакал тие флаери да бидат на јазикот, односно на писмото на етничките заедници, односно на ромската и српската заедница – вели Ашмет Османовски,советник.

Истото барање беше упатено и од советниците од ДПСМ со цел да се привлечат туристите од Република Србија.

Ако се земе предвид дека во Куманово живеат поголем број Срби не гледам зошто овие флаери не се испечатат и на српски јазик, а втора работа е фактот дека голем број туристи од Србија кои заминуваат баш во овој летен период на своите годишни одмори и ја посетуваат Грција, во најголемиот број случаи минуваат низ нашата општина, низ градот Куманово, а и самиот граничен премин Табановце се наоѓа на територија на Општина Куманово, така да мислам дека кога овие флаери би биле испечатени и на српски јазик, можеби некои од овие туристи кои транзитираат низ наша општина ги привлече еден ден или неколку часа да издвојат од своето време и да ги посетат знаменитостите на нашата општина, а и самиот факт дека општината Старо Нагоричане е тука можеби и оваа идеја би била добра и не гледам причина зошто не постојат флаери на српски јазик – вели советникот Саша Николиќ од ДПСМ.

Loading...

 

Претседателот на Советот, Александар Арсиќ посочи дека треба да се размислува и за селскиот туризам, но пред се да се инвестира во сместувачките капацитети.

Пропагандата и промовирањето на туристичкиот потенцијал ќе се реализира со средствата собрани од т.н. туристичка такса, односно Закон за такста за привремен престој кои се движат од 350 до 400 илјади денари на годишно ниво.

 

 

Според Зоран Павловски, раководител на одделението за стратешко планирање и локален економски развој нема ништо спорно промотивниот материјал да биде на повеќе јазици, но посочија дека ќе се работи и на поставување на соодветна туристичка сигнализација.

Точно е дека Куманово како општина не поседува некои атрибути, освен Бислимска клисура, Кумановска бања и уште некои споменици на култура, најголемиот дел е проширен на поранешната територија на Општина Куманово, заедно со Североисточен плански регион и тогаш може да претставува некој туристички продукт и да се направат некои работи за еден ден, два дена, три дена. Ќе ни треба време тоа да го спакуваме и веќе за следната година сме на идеја да се формира туристичко биро кое ќе прави програма и врз основа на овие, но и на други средства да може да ја сервисира таа туристичка услуга – вели Павловски.

Флаерите со волонтери ќе бидат делени на граничниот премин Табановце во текот на летниот период, а брошурите ќе бидат доставувани до делегации, странски гости или при патувања во странство.

Во самата понуда освен локалитетите кои може да се посетат, ставени се и културните настани карактеристички за општината, а промоција на потенцијалите се врши и на социјалните мрежи.

Претходно локалната самоуправа ја избра пафта како најдобар сувенир на градот, кој исто така треба да допринесе во развојот на туризмор во градот.