Миодраг Тодоровиќ: Треба да се вложи премногу за да се биде успешен

loading...

Дваесетгодишниот Миодраг Тодоровиќ, по потекло кумановец, кој живее во  Скопје,  изминатата сезона настапуваше во дресот на Кошаркарскиот клуб Куманово каде храбро чекори кон успешна кариера. Од помладиот состав доби најголема минутажа на паркетот, која ја искористи на најдобар можен начин да му помогне на својот тим да оствари низа победи.

И додека се „крчкаат“ договорите со составување нов ростер на КК Куманово, ние одлучивме да поразговараме со Тодоровиќ за неговите импресии од изминатата сезона, но и за неговите идни планови.

 

КМ: Заврши спортската сезона, како си задоволен од она што го покажа годинава во КК Куманово со оглед дека од помладиот состав доби најголема минутажа на паркетот?

Тодоровиќ: Пред се сакам да изразам големо задоволство за ова интервју што го правам со вас. Мило ми е што се грижите за кошарката во Куманово и не следите на индивидуален и тимски план, што ве има на секој натпревар и сум благодарен на тоа во име на тимот. Околу минатата сезона, беше добра, сите натпревари во кои добив шанса дадов 100%, како е задоволен тренерот од мене тоа е негово лично мислење. Јас искрено сум задоволен од тоа што го добив, од тоа како изгирав исто така и сега останува во следната сезона, доколку останам секако во Куманово да добијам уште поголема минутажа се надевам и да дадам 100% на секој натпревар како да ми е последен.

 

КМ: КК Куманово изминатата сезона оствари одлични резултати во БИБЛ лигата. Сметаш ли дека ќе имавме шанси пред домашната публика да не беше толку голема разликата на првиот меч против Берое?

Тодоровиќ: Секако дека ќе имавме поголеми шанси пред домашната публика, бидејќи сепак ја имаме најдобрата публика во Македонија, далеку најдобрата. Искрено мислм  и сега дека имавме шанси иако тоа може звучи лудо на некој начин, но искрено мислам дека имавме шанси, ако изигравме онака како знаеме да изиграме. Ние сме финалисти во БИБЛ со доста намелн ростер од почетокот на сезоната, со заминување на Костоски и Мијатовиќ, дававме максимум од себе, наптреварот со Берое отиде во друга насока која не ја очекувавме, можеме да жалиме за тоа, да учиме од грешките и од секој пораз и да се надеваме дека ќе имаме повторно шанса за пехар во БИБЛ лигата.

 

 

КМ: Како се разви твојата љубов кон кошарката?

Тодоровиќ: Мојата љубов кон кошарката се разви некаде 2005-2006 година, почнав тогаш, моите први чекори во кошаркарскиот клуб Јуниор во Скопје. Не знам тогаш беше некако актуелно сите играа кошарка, јас почнав да тренирам и тренинг по тренинг мојата љубова беше поголема и поголема кон кошарката. Потоа доаѓаат и идолите и сите играчи кои сакаш да бидеш како нив и едноставно ова ме прави среќен, ова го сакам и го сакам исто како првиот ден, а се надевам дека ќе го сакам уште многу години.

 

КМ: Како дојде до соработка со КК Куманово?

Тодоровиќ: Јас играв во Кошаркарскиот клуб Јуниор во Скопје до мојата 18та година и завршив, бев на подготовки за репрезентација за Европското превенство и добив повик од директорот на клубот Младен Давидовиќ дали сакам да играм во Куманово и нормално дека тоа беше огромно изненадување и огромна чест за млад играч како мене. Секако прифатив и секој ден се повеќе се гордеам на тој потег што го направив и што прифатив, затоа што навистина играм за еден клуб со големо реноме, со одлични навивачи, одличен град.

 

КМ: Кој од повозрасните колеги ти е ментор и најголема поддршка?

Тодоровиќ: Добро сите од повозрасните играчи ни се поддршка на нас помладите, бидејќи навистина сакаат да успееме и во секој поглед ни се поддршка. Можам да го издвојам, ајде тие се и на моја позиција, Александар Костоски и Димитар Караџовски, можам многу да научам од нив, пред се тие се репрезентативци на Македонија долги години играат и можат многу да ме научат за и околу кошарката, на многу потези, многу добри работи кои тие ги знаат и кои за моја среќа сакаат да ми ги пренесат. Нив двајца можам да ги издвојам како ментори, а за поддршка се сите повозрасни играчи, буквално сите до еден не поддржуваат и не бодрат да тренираме и да бидеме подобри од ден на ден.

 

 

КМ: Што е најважно за еден спортист додека е на терен?

Тодоровиќ: За мене најважно за еден спортист на терен е нормално да биде фокусиран, да биде сконцентриран и сите проблеми да ги остави надвор од теренот, бидејќи кога доаѓа на теренот тука треба тие 40 минути во кошарката или 90 минути во фудбалот или во друг спорт, да даде се. Затоа што единствен начин да се победи натпревар е да се даде се, бидејќи денеска е таков спортот, сите знаат да играат, нема веќе потценување на јаки и слаби екипи, туку секој може да победи секого и ако не си потполно фокусиран на теренот и случувањата тогаш многу лесно можеш да го загубиш тој натпревар.

 

КМ: Честа појава се негативни скандирања од туѓа публика, колку тоа влијае на играта?

Тодоровиќ: Па тоа е нормално, скандирање од туѓа публика е нормално, бидејќи тие се трудат на некој начин да направат добро за тимот, да не деконцентрираат нас, да изгубиме концентрација околу играта и нормално нивниот тим да оствари победа. Тоа доаѓа со години, нормално дека повеќе влијае на мене, на мои 20 години во однос на постарите играчи, бидејќи тие се навикнати на тоа, но тоа нешто мора да се носи, таков е спортот, мора да се носи со себе и доста играчи си го прават во своја полза, секој различно си го сфаќа и влијае. Кога човек ќе сфати да не го прифаќа тоа, да не допира до него тогаш прераснува во сериозен играч.

 

КМ: Што друго освен кошарката те исполнува на приватен план?

Тодоровиќ: На приватен план учам факултет, нормално пак е тоа околу спортот, спортот е тоа што ме исполнува и надвор од кошарката, љубител сум и на фудбалот, тенисот, на сите спортови, гледам спорт нон-стоп, некоја дружба, другарите, пријателите околу мене ми се исто така нешто што ме исполнува и што ми треба, нивната поддршка за мене и нормално сите работи кои на млад човек му се интересни и мене ми се. Главно спортот е број еден и на приватен и на професионален план. Тоа ме прави среќен на секое поле.

 

 

КМ: Релативно си млад, како планираш да ја продолжиш професионалната кариера?

Тодоровиќ: Плановите за професионалната кариера никогаш не се знаат. Сите имаме планови и желби да играме и во НБА и во Евро лига, но мора многу да се работи, многу да се потрудам за тоа, треба да учам уште многу. Сите минути што ќе ми бидат дадени во иднина, а се надевам дека ќе ги има, да ги искористам потполно, да дадам 100% на секој натпревар, да се борам и се надевам дека ако се биде супер, да ме однесе патот надвор од Македонија, да имам интернационална кариера и нормално сон на секој спортист е врвот. Нашиот е Евро лигата и НБА и сите сакаме да играме во некој тим што игра во овие лиги.

 

КМ: Се гледаш ли себе во иднина можеби во некој странски клуб или приоритет  ти се домашните?

Тодоровиќ: Нормално дека сакам да се гледам некаде во странски клуб како што кажав, но искрено многу работи можат да се научат и во нашите клубови, бидејќи има играчи кои играат долго, имаат огромно искуство и доколку сакаат да го пренесат нивното знаење тоа може многу да помогне. Според мене на почетокот е добро да се игра во домашните клубови, во нашата лига да се добијат минути, да се искористат, да се исчеличиш што би рекле кошаркарски, за да можеп понатаму да пробаш некаде на страна и ако се биде супер да си продолжиш.

 

КМ: Што треба да вложи во себе еден млад спортист за да биде успешен?

Тодоровиќ: Треба да вложи многу. Навистина треба да вложи премногу за да биде успешен, тоа се тренинзи, откажувања од многу работи кои врсниците мои лично еве ќе кажам за мене ги прават, но се има цена. Доколку ти си среќен, ако одиш на тренинг додека другите излегуваат, тогаш си ти тоа што треба да бидеш. Многу работи треба да се откажат, но после долго време тоа ќе се врати на некој начин доколку си се трудел и работел, ако си бил вреден во таа работа, за било кој спорт тоа ќе се исплати еден ден. Јас верувам во тоа и треба сите млади играчи да веруваат дека колку понапорно работиш подобар ќе биде резултатот на крај.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments