Министерот Нухиу ќе бара кривична и морална одговорност од раководните структури на МВР

Сподели со своите пријатели

На прес конференција одржана денеска попладне министерот за внатрешни работи Агим Нухиу вели дека структурите на МВР  не ја завршиле работата и најави кривична и морална одговорност против раководните структури.

Вели дека до 20 часот не успеал да стапи ниту со директорот на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер, Митко Чавков.

Уште откако почнаа протестите инсистирав да се формира оперативен штаб и тој штаб беше формиран, во него беа раководни лица од сите области. Оперативниот штаб имаше подготвено планови за три претпоставени ситуации: мирни протести, избор на претседател и избор на влада. Раководител на оперативниот штаб беше избран Митко Чавков. Сакам да ја известам јавноста дека вчера од ескалацијата на ситуацијата па сè до 20 часот Митко Чавков не одговараше на моите телефонски повици и во оперативниот штаб, и покрај тоа што постојано го барав – вели Нихиу.

Како што вели министерот Нухиу очигледно е дека во Министерството за внатрешни работи има големо партиско влијание и одредени раководители постапуваат по наредба на политички центри. За дел од раководството на оперативниот штаб на чие чело е Митко Чавков најави и кривична одговорност.

Внатрешната контрола на МВР ќе бара одговорност од сите, вклучувајќи ги и членовите и раководителите на оперативниот штаб. МВР е институција што мора да го гарантира јавниот ред и мир, а не да биде под влијание на политичките субјекти што сакаат да ја употребат полицијата за своите цели. Најголем дел од вработените на МВР се професионалци и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам за вчерашниот ангажман. Соработуваме и со Јавното обвинителство во насока на расчистување на овие настани во најбрз можен рок. Секој ќе одговара за своите постапки. Ќе сносат одговорност и лицата директно одговорни за вчерашните настани. Згрозен сум од постапката на протестантите кога не дозволуваа возилата на брзата помош да влезат и да им укажат помош на повредените. Тоа е за секаква осуда. Чувствувам морална одговорност затоа што за овој четиримесечен период на чело на МВР не успеав да ја тргнам политиката од министерството. И затоа ќе барам мое повлекување. Но ќе направам сѐ за создавање услови за мирен трансфер на власта и за законска и кривична одговорност на раководните структури на МВР за вчерашните настани – додаде министерот Нухиу.

Тој најави дека ќе бара свое повлекување од функцијата, а воедно го честиташе изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.