Македонски Телеком со зголемена нето добивка и намалени приходи од продажба

Сподели со своите пријатели

Вкупната нето добивка на телекомуникациската компанија Македонски Телеком (МТ) ад Скопје  на крајот на минатата година изнесува 1.381.000.000 денари и е зголемена за 33,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Приходите од продажба во 2017 година изнесуваат 10.221 милион денари и се намалени за 2,5 отсто во споредба со 2016 година, соопшти денеска МТ.

На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел од 48,6 отсто, а базата на претплатници на крајот од минатата година изнесувал 1.203.000.

– На крајот од 2017 година, приходите од говорни мобилни услуги се намалени за 5,5 отсто во споредба со претходната година, што е компензирано со приходите од неговорни мобилни услуги што се зголемија за 21 отсто. Намалувањето е резултат на намалените цени на националниот дојдовен мобилен сообраќај во терминација, комбинирано со зголемениот обем на сообраќај и намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација, што е компензирано со зголемувањето на приходите од пост-пејд, се вели во соопштението од МТ.

Неревидираните финансиски извештаи подготвени во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) покажуваат дека МТ има водечка позиција на пазарот според остварените приходи на крајот од 2017 година.

Компанијата бележи зголемување  за 1,8 проценти на приходите од малопродажен интернет и дигитална телевизија преку Интернет протокол („ИПТВ“) на крајот од 2017 година во споредба со претходната година.  Бројот на ИПТВ корисници лани изнесувал 117,5 илјади, за 9,1 отсто повеќе во споредба со 2016. Со тоа, Македонски Телеком, според интерните проценки, достигна удел од 28,2 отсто на ТВ пазарот.

Вкупниот број на пристапи на широкопојасен интернет на крајот од 2017 година е стабилен и изнесува 194 илјади, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од 2017 година изнесува 46 отсто, според интерните проценки./МИА

Leave a Reply