Skip to content

Македонија се задолжи со нова еврообврзница од половина милијарда евра

Сподели со своите пријатели

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денеска издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и со каматна стапка од 2,75 проценти, соопшти Министерството за финансии, пиштува агенцијата Мета.мк.

Од Министерството велат дека станува збор за „убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал“.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница, како што информираат од Министерството, била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што овозможило да се постигне каматна стапка од 2,75 проценти на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 проценти.

Приливите од еврообврзницата, како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на ПБГ-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари, велат од Министерството за финансии.

„Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, стои во соопштението, а пренесува Мета.мк.

Од Министерството за утре најавија прес-конференција на министерот за финансии, Драган Тевдовски по повод издавањето на новата еврообврзница.

Извор: МЕТА.мк

Loading...

 

Услови за преземање содржини

Надворешните линкови преку маркетинг платформата MGID се одговорност на самиот огласувач, и порталот Кумановски Муабети не сноси никаква одговорност за пласираните информации.