Кумановското СДСМ ги крчка првите имиња – кандидати за градоначалник на градот

Сподели со своите пријатели

Во кулоарите на кумановската Општинска организација на СДСМ, веќе некое време топ тема меѓу сопартијците е можната кандидатура на извесни членови за прв човек на градот по објавата за одржување локални избори во октомври оваа година.

Тоа што веќе започнаа летните одмори, сепак за кумановските социјалдемократи не значи и време кога треба да се одмара, па така, во внатрепартиските кругови се зборува дека четворица членови на СДСМ од Куманово ќе влезат во потесен партиски избор за кандидат за градоначалник на најголемата општина во Македонија.

Земајќи го во предвид претходниот политички живот и активност на политичката сцена години наназад, се зборува дека прв кандидат е Максим Димитриевски, доскорешен претседател на Советот на Општина Куманово, сега веќе пратеник и претседател на собраниската комисија за одбрана и безбедност.

 

Loading...

 

Веднаш до Димитриевски, се зборува дека еден од кандидатите е и неговиот партиски колега и сегашен претседател на Советот, Александар Арсиќ. Арсиќ, инаку професор во кумановското земјоделско училиште, пред да го замени Димитриевски, беше координатор на советничката група на СДСМ, и важи за лојален член на кумановското СДСМ.

 

Трет можен кандидат е и Сашо Петрушевски, сегашен директор на Јавното претпријатие “Чистота и зеленило”, но и поранешниот пратеник Љубиша Николиќ, инаку долгогодишен поранешен директор на кумановската Гимназија.

Сите овие имиња се спомнуваат како можни кандидати за градоначалник, велат од СДСМ Куманово, но, сепак, последниот збор во пресрет на локалните избори ќе го има партијата, т.е претседателот Зоран Заев, откако тој ќе ги добие предлозите од општинските организации, базирани на предлози од месните одбори каде членовите ќе предлагаат свои фаворити. Дали ваквиот начин за избор на кандидати ќе остане непроменет, и кандидатите ќе можат сами да аплицираат на отворен партиски повик, засега нема најава од Социјадемократскиот сојуз.

Од друга страна, велат социјалдемократите, се уште останува неизвесна и кандидатурата на Горан Стојковски, сегашен директор на ЈП Водовод кој зад себе ќе остави успешна приказна на менаџирање на кумановското јавно претпријатие кое успеа да ги преброди сите финаниски кризи и да се спротистави на политиката на претходната власт со перманентен притисок со запирање на дотурот на вода од Липковска брана, наводно поради неисплатени долгови.

 

 

Во пресрет на локалните избори, сите партиски превирања сосема нормални за секоја партија и еуфоријата по земањето на власта, кумановци од вчера, освен што за министер за внатрешни работи го имаат својот сограѓанин Оливер Спасовски, од пред два дена, за директор на Службен весник го имаат и Мартин Костовски, претседател на ОО на СДСМ Куманово, инаку можеби еден од ретките претседатели на општинска организација кој не беше поставен на листата за пратеници за време на неговиот мандат.

Куманово како град кој важи за бастион на СДСМ, и покрај сите притисоци од Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ и фактот што како најголема општина остана без државни проекти во услови на тотално игнорирање од централната власт, за градоначалник до октомври го има Зоран Дамјановски, кој во претходните три мандати успеа да остане прв човек на градот, па така, се уште останува непознато дали Дамјановски повторно ќе се обиде да ги измери силите со опозициската ВМРО ДПМНЕ, инаку партија која досега не успеа да ги добие симпатиите на кумановчани и покрај квалитетните кандидати.

 

Loading...

 

Дали тоа што СДСМ е сега на власт ќе има и влијание на локално ниво со победа во повеќе општини во Македонија, ќе остане да се види по завршувањето на локалните избори и долгото политичко лето, версус очекувањата на граѓаните, државата конечно да тргне по патот на реформите, сеопштиот напредок и добивање датум за почеток на преговорите за влез во Европска Унија.