Кумановскиот градоначалник Димитриевски се сретна со францускиот амбасадор Тимоние

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска се сретна со амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

На средбата станало збор за досегашните и продолжување на проектите кои Куманово ги реализира со Француската амбасада.

– Разговаравме за соработката помеѓу училиштата од Куманово со француските училишта. Денеска група ученици од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ заминува во посета на француско училиште. Разговараме и за можна соработка преку невладините организации преку кои ќе бидат вклучени припадници од сите етнички заедници од Куманово, изјави по средбата Димитриевски.

На средбата градоначалникот и амбасадорот зборувале и за отпочнување нови проекти, при што граѓаните на двете држави ќе имаат можност за меѓусебно запознавање и соработка.

Амбасадорот, Тимоние очекува успешна работа на градоначалникот и идниот совет на општина Куманово. Тој додаде дека со градоначалникот разговарале за конкретни проекти. Димитриевски, посочи дека го информирал за тековните инфраструктурни проекти, плановите за развој на општината.

– За нас, Куманово мора да биде симбол на успешна Македонија, бидејќи со различните заедници кои што живеат во општината, со културната традиција, со историјата, градот Куманово треба да покаже дека е град кој чекори кон Европа, рече Тимоние.

Истакна дека учениците кои заминуваат во Франција се симбол на Куманово и се заблагодари на семејствата од градот кои претходно ги пречекале француските средношколци, нагласувајќи дека токму на тој начин се подготвуваат утрешните европски граѓани.

– Предлагам Куманово да стане своевидно француско-македонско ателје за утрешна Европа, рече амбасадорот.

Во делот на планираните проекти било разговарано за поврзување на младите луѓе од Франција и Куманово.

Извор: МИА

Loading...