Кумановската библиотека се поднови со 656 нови наслови (фото)

loading...

За 656 наслови е збогатен книжниот фонд на Јавната општинска установа Библиотека „Тане Георгиевски“ со последната набавка извршена кон крајот на 2017 година, со што вкупно 2.176 нови книги ќе им бидат достапни на корисниците.

 

 

Книги од 14 издавачки куќи од Македонија на македонски, албански, српски, но и се попопуларните на англиски јазик се дел од најновата набавка на кумановската библиотека за која се издвоени вкупно 733.000 денари. Книгите се во обработка и многу скоро ќе им бидат достапни на корисниците, брифираше директорот Марјан Петковски.

– Изминативе години библиотеката врши набавка во неколку наврати, така и во 2017 година беше извршена набавка во три наврати, односно во месец април мај имаше набавка на белетристика, во летниот период извршивме набавка на лектирно издание, односно обновување на лектирниог фонд и при крајот на минатата година во месец декември беше извршена уште една набавка на белетристика при што беа набавени 656 наслови, односно 2.176 книги, изјави директорот Петковски.

 

 

2017 година заврши доста успешно за Библиотеката „Тане Георгиевски“ , со оглед дека бројката на нови читатели била зголемена за 400 кумановци. Според директорот Петковски, ова е показател за успешната работа на јавната установа.

– Согласно набавната политика и услугите кои од година во година ги подобруваме, се бележи континуиран раст, односно зголемување на членството во библиотеката, така и минатата година има зголемување на членството спроедбено со претходната година за околу 400 членови што е добар показател дека библиотеката се движи во вистинска насока, со обновување и зголемување на книжниот фонд и услугите што ги нуди кон корисниците, изјави Петковски.

 

 

Во текот на годинава, кумановската библиотека ќе започне со дигитализација на перидоичните изданија кои во минатото биле популарни на подрачјето на Општина Куманово, меѓу кои и најпознатиот „Наш весник“ со чија обработка ќе започне и овој проект.

– Планираме и некои други новитети да воведеме во услугата кон корисниците, онодно извршивме набавка на професионален скенер со кој планираме да ги ставиме во електронска форма сите оние периодични изданија, постарите најпрвин ќе почнеме со нашиот бренд, „Наш весник“, кумановскиот весник кој ќе биде достапен за корисниците во електронска форма, а исто така откако ќе завршиме со „Наш весник“ ќе продолжиме и со другите периодични изданија, како што се „Рат, „НИН“ и од постари времиња кои ги има библиотеката, додаде Петковски.

 

 

Единствениот проблем со кој се соочува кумановската библиотека, според директорот Петковски, е просторот кој е недоволен да ги собере сите изданија кои ги имаат. Во изминатите години дел од изданијата се сместени во подрумските простории на зградата на поранешен Комитет, меѓутоа и тој простор бил пополнет, па сега се бара ново решение, со оглед дека библиотеката постојано врши набавка на нови книги.

 

 

Недоволен е и просторот во читалната во која има место за дваесетина корисници, иако според Петковски користењето на ваквата услуга во последно време е доста популарна, особено кај студентите, па мора да се изнајде просторно решение и за овој проблем.

 

 

 

 


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments