10.03.2018 21:41

Куманово преку Кожув до трето место во табелата (ГАЛЕРИЈА)

loading...

Кошаркарите на Куманово се искачија на третата позиција во табелата, откако на домашен терен вечерва го совладаа составот на Кожув од Гевгелија со резултат 87:74.

 

 

Серијата од три победи на Кожув ја запре составот на Александар Петровиќ кој имаше исклучително добро прво полувреме. Куманово ја оправда фаворитската улога и по само пет минути игра направија двојно водство со резултат 16:5, кое постојано се зголемуваше. По само 10 минути на паркетот кумановци имаа реализирано 30 поени, наспроти 13те на гевгеличани.

 

 

Маестрални кошаркарите на тренерот Петровиќ беа и во втората четвртина кога уфрлија повторно 30 поени, па на полувреме се замина со резултат 60:32, со што веќе беше јасно дека Кожув не може да изненади.

 

 

Убедливата предност кумановци ја искористија за релаксирана игра во второто полувреме, гостинскиот состав успеа малку да ја стопи негативата во која длабоко потона во првите 20 минути од средбата, па во завршницата се влезе со резултат 75:50.

 

 

Последната четвртина донесе голема разлика во резултатот, кумановци дадоа двојно помалку поени од гевгеличани, меѓутоа беа свесни дека не треба да ја убијат желбата на противникот да се бори за плеј-офот од сезоната, па играта релаксирано ја заврши подмладокот на Куманово, а Кожув успеа да намали во резултатската негатива на 87:74.

 

 

Тренерот на Куманово Александар Петровиќ потенцираше дека не треба да се потценува ниту еден противник, но изрази и огромно задоволство од позитивниот дух кој владее во составот на Куманово.

– Одиме чекор по чекор, од натпревар до натпревар, играме добро, малку на крајот им дадов шанса и на помладите играчи да го почувствуваат тернот. Следниот натпревар е во Битола, треба да се подготвиме за Пелистер, нема потценување на противник, видовте и самите за 5 минути од 30 разлика дојде на 15. Честитам на екипата на Кожув за добрите резултати пред денешниот натпревар. Јас сум задоволен од атмосферата во екипата, добро се работи, се почитуваат принципи во играта, тоа е најважно. Би сакал да завршиме во плеј оф, ако биде ваква работната атмосфера во тимот, ваков пристап на натпревари мислам дека тоа ќе го заслужиме, да играме плеј оф и да бидеме меѓу првите четири во Македонија, изјави тренерот Петровиќ.

 

 

Репрезентативниот тандем Бобан Стајиќ и Адем Мекиќ со 20, односно 15 поени беа најефикасни на во КК Куманово, додека со 12 поени зад нив следува Александар Штерјов.

 

 

Во составот на гостинската екипа, со 14 најдобар беше Мишковиќ, а со поен помалку Нацевски.

 

 

Со оваа победа Куманово го претекна Гостивар во табелата и го зазема високото трето место зад екипите на Работнички и Блокотехна. Следниот натпревар го играат на гостински терен против Пелистер од Битола.

 

 

 

 


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments