„Куманово гас“ ќе работи со добивка кога целосно ќе се гасифицира Куманово

Сподели со своите пријатели

„Претпријатието „Куманово гас“ ќе работи со добивка кога општината ќе ни даде повеќе пари, а и кога целосно ќе заврши гасификацијата на Куманово“, рече денеска директорот на оваа јавно претпријатие Драган Петровски по критиката од страна на опозицијата во Советот дека континуирано од година во година финансиските извештаи прикажуваат загуби.

Советникот Драган Петковски рече дека веќе пет години како ја следи работата на оваа јавно претпријатие се бележат негативни резултати.

– Претпријатието е константно во загуба и секогаш кога ќе го прашам директорот тој вели дека претпријатието е во инвестиции, дека сега се инвестира, а плодовите од тоа инвестирање треба да дојдат во некој анреден период. Нека биде така, ама веќе пет години поминаа не знам кога ќе дојде тој период. Во 2016. година набавна вредност на гасот е 5.793.000 денари, а продажната е 6.480.000 денари приходи од гас. Во 2017 година гледам дека набавната вредност на гасот и приходите од гас се исти, а се издвоени како посебна ставка приходи од надомест на дистрибуција и снабдување и тоа е претпоставувам од набавка и продажба на гасот, рече Петковски.

Директорот Драган Петровски вели дека според доделените шест милиони денари од општината не може да се зборува за значителни резултати, но сепак истакна дека приходите се зголемени за 40 отсто.

– Зошто тоа не го коментирате, само коментирате некои негативни работи кои не се дорасчистени кај вас. Во однос на приход од гас во 2017 година вие учествувате, донесовме цена за снабдување како совет за два денари и цена од Регулаторна комисија од три денари. Од продажба на гас имаме зголемено, откако имам дојдено за овие пет години одговорно можам да ви кажам дека во тоа време се продавал гас од 123.000 метри кубни во во 2013. година, а сега има над 500.000 метри кубни гас продажба, за 300 посто ја имам зголемое јас и менаџерскиот тим продажбата на гас и дистрибуција до крајните потрошувачи, рече директорот Петровски.

Според првиот човек на оваа претпријатие изградени се седум километри секундарна и терцијална гасоводна мрежа.

На товарот на свој грб претпријатието има околу 200.000 денари долгови од казни и пенали, за што исто така доби критика од советникот Петковски од ВМРО-ДПМНЕ, Меѓутоа директорот вели дека тоа се побарувања од државата и долгови сторени пред тој да ја преземе менаџерската позиција.

– За некои лиценци, објекти, дистрибуција и така натаму, водевме спорови за една една работа. Во римското право за една иста работа два пати не се суди, но кај нас во Република Македонија два пати донесуваат различни пресуди и тие се наследени прекршочни постапки кај што сме казнети и тие казни се платени кон државата, додаде Петровски.

Според финансискиот извештај за 2017. година на ЈП „Куманово гас“, постојат долгови од шест милиони денари и еден од над 14 милиони.

– На крајот на 2016. година оваа претпријатие имало обврски кон добавувачи од 4,6 милиони денари, додека на крајот на 2017. година има обврски кон добавувачи од 6,9 милиони, значи обврските кон добавувачи за една година пораснале за 50 отсто. Ставката останати обврски на крајот на 2016. година била 7 милиони, на крајот на 2017. година 14,7 милиони. Тоа е некаде повеќе од 100 отсто, додаде советникот Петковски.

 

Loading...

 

Ние како претпријатие кое гради дистрибутивна мрежа трошиме средства за такви намени со цел да се гасифицира градот и минатата година потрошивме 4,6 милиони токму по тој основ, рече Петровски. За 14те милиони денари директорот рече дека тоа се средства добиени од Општина Куманово кои се уште не се запишани во Централниот регистар и откако тоа ќе се направи тоа долгот ќе се избрише како таков, бидејќи парите веќе се уплатени од страна на „Куманово гас“.

– Ако во 2016 година сме имале 7.967.927 денари приход, во 2017. имаме 11.427.063 денари. Во однос на расход, расходите се поголеми затоа што имаме поголеми количини на гас набавено, за 2.300.000 денари. Имаме капацитет на мрежа кој е зголемен, зголемени приклучици и набавувате поголема количина на гас, тоа е пропорционално едно на друго, а ова претпријатие ќе биде во добивка кога ќе дадете поголеми финансиски средства, кога општината ќе биде во поголеми финансиски можности и ќе воспоставиме гасификација на територијата на целиот град, рече директорот Петровски.

Во однос на извештајот забелешки од опозицијата имаше и на репрезентации од 22.000 денари, за кои директорот вели дека се најмали во целата држава што едно јавно претпријатие ги направило, но и за реклами и пропаганди вредни 138.000 денари.

Во претпријатието „Куманово гас“ работат 8 лица.

Leave a Reply