Културните манифестации во Куманово ќе се одржат и покрај скратените средства со ребалансот на буџетот

Сподели со своите пријатели

Со усвоениот ребаланс на буџетот на општина Куманово, од Советот на општината, од програмата за реализирање на културни манифестации, поради долгогодишната блокада на општината скратени се 5,18 милиони денари за реализација на културните манифестации до крајот на годинава.

Сепак, според надлежните од Одделението за култура и спорт од општина Куманово, кратењето на финансиските средства нема значително да влијае врз одбележувањето на манифестациите кои се опфатени во програмата и е предвидено да се одржат до крајот на годинава.

– Културните активности продолжуваат да се реализираат до крајот на оваа година, непречено, со помали финасиски средства. Меѓу нив манифестации, како што се Ден на албанска азбука, Ден на албанско знаме, Светскиот ден на лица со попреченост, Свети Климент Охридски и прослава на новогодишните манифестации, пречек на Дедо Мраз од најмладите и други, изјави раководителот на Одделението, Цоки Ристовски.

Според него, сите манифестации ќе се одржат во рамки на определените финасии. И надлежните од Одделението за култура ја чекаат петгодишната стратешка програма која треба да ја донесе Министерството за култура, кои во овој период организираат јавни дебати во повеќе градови од државата. Од општина Куманово, велат дека согласно донесената национална програма ќе се подготви и локалната програма.

– Очекувам до декември да биде донесена националната програма, од која треба да произлезе и локалната. Дел од здруженијата, установите, поединците ги доставуваат своите предлози до Министерството, дел до локалната самоуправа, изјави Ристовски.

Градовите додава, ќе имаат своја програма за културни активности и манифестации, која ќе соодвествува на потребите на граѓаните од поединечни општини.

Извор: МИА

Loading...