Кривични пријави за градежен инвеститор и инспектори од Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Б. (45) од Куманово, инвеститор на градба, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,бесправно градење”, против В.Б. (64) и В.Л. (63), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување”, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Д.Б., како инвеститор на градба, во текот на 2012 година извел градежни работи и изградил семејна куќа со отстапување од проектната документација, во однос на габарит, како и отстапувања во однос на поставени прозори во форма на излог на предна фасада кои според проектот не постоеле.

После тоа, Д.Б. извршил продажба на три станови, иако знаел дека на објектот има отстапувања од проектната документација и поради тоа за објектот нема завршен Извештај од технички преглед во вид на употребна дозвола. На тој начин се стекнал со противправна имотна корист во износ од околу 7.009.155 денари.

В.Б., како овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општина Куманово, во текот на 2012, 2013 и 2014 година, во повеќе наврати вршела инспекциски надзори и го фотографирала објектот и констатирала дека на предметната градба има отстапувања во однос на изградената висина и во однос на поставени, а не и проектирани прозори на предната фасада и по Записниците изготвувала и Решенија со кои наредувала на инвеститорот да ги отстрани отстапувањата од градбата.

В.Б. ниту еднаш при извршените инспекциски надзори не го затворила градилиштето со поставување посебен службен знак (жолта лента) согласно чл.136 ст.1 од Законот за градење, административно не ги извршила донесените Решенија и Заклучоци, ниту покренала кривична постапка против инвеститорот. В.Л., како Раководител на Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општина Куманово иако била запознаена и учествувала во утврдувањето на наведената фактичка состојба, во постапката не презела никакви мерки за административно извршување на донесените Решенија и Заклучоци, предметот не го задолжила на друг овластен градежен инспектор и не покренала кривична постапка против инвеститорот.