Кој беше долу – сега е горе

Сподели со своите пријатели

Популизам е, барем како што дефиницијата кажува, политичка доктрина која се базира на прикажување на блискост кон народот и која инструментира незадоволство, страв и конфликт за сопствена потреба. Популизам, исто така, апелира на инстинкти и нуди едноставни решенија, при што аспектите на практичните решенија се занемаруваат во потполност.

Критикување на опозиција која 10 години не е на власт за состојбите во државата е исто така елемент на класичен популизам. Склони сме како народ на идеопоклонство, но и голтање на лажните ветувања и шарени лаги.

Многу време ќе ми одземе ако ги набројувам сите ветувања на ПОРАНЕШНИОТ наш премиер. Ќе ми одземе многу време, а секој кој не пати од амнезија, секако ги памети сите ветувања кои се покажаа како празни. Ќе се фокусирам на машинеријата од лаги која во полн капацитет ја користи Никола Г. Во тоа му помагаат советници кои одлично ја познаваат психологијата на народот на овие простори.

Не може , а и не смее никако да се оспори значењето на знаењето на Никола Г. во областа на политичкиот маркетинг. Внимателно учел од најголемите манипулатори на овие простори, и трпеливо полни 8 години (до 2006) добивал ластици и бил праќан по бурек и пиво. Верувал во себе и својата светла иднина и знаел дека кога тогаш ќе дојде време кога ќе завладее со оваа несреќна држава и дека наученото ќе го примени во пракса и знаењето за манипулациите ќе го подигне на високо ниво.

Ниеден политичар во историјата во светот, нема толку работено на својата промоција  и тешко дека во блиска иднина на некому ќе му појде од рака, во саморекламирање (засновано на лаги и празни ветувања), да го помине ПОРАНЕШНИОТ премиер на Македонија.

Ништо од тоа не би било толку страшно ако неговите лаги и манипулации немаат плодна земја во народот, и ако гласачкото тело не ги голта тие лаги како најголеми вистини. Штом ќе се појави некоја искра на сомневање, веднаш со брзина на светлоста се појавува и некоја вонредна конференција од негова страна или, преку провладините медиуми најави како државен удар или друга опасност за државата и народот, и она во што имало сомнителност, паѓа во вода истиот момент. Сето ова е само резултат на нашата мрзливост и страв да ги преземеме ситуациите во свои раце, а сето тоа е корен од историјата.

Зошто би се потрудиле да поработиме на себе и да станеме подобри, а со тоа – правејќи го и општеството во кое живееме многу подобро, кога е многу покомотно да веруваме во ветувања на некој кој ние го направивме семожен, кој сите наши грижи ќе ги тргне со едно замавнување со рака? Таман работа да се тргнеме и да сфатиме дека нашите животи се само во наши раце и таман работа да почнеме да размислуваме како треба да живееме во држава во која на обичниот човек треба со чесна работа да заработи за егзистенција.

Полесно е да очекуваш доаѓање на странски инвеститор, кој без никому позната причина ќе даде милиони долари во нашата економија, и да очекуваш дека во Вардар место вода, ќе тече мед и млеко. Сите тие потенцијални инвеститори се истакнати претставници на глобалниот и империјалниот капитализам и ние како такви може да им бидеме интересни само во два случаја: како евтина работна сила и како потрошувачи. Кина е и понатаму рај за капиталистите затоа што цената на работниот час е најниска во светот, а потрошувачката моќ на македонскиот клиент  одамна има добиено негативен предзнак. Во превод: Странските инвеститори ги интересираме како минатогодишниот снег. Можеме да бидеме интересни само на брокери и преваранти кои со помош на нашиот режим, ни ја пљачкосуваат државата.

Во Дедо Мраз престанав да верувам уште пред да тргнам во основното училиште, како и во бајките. А живеев во многу посреќно време отколку времето во кое живеат денешните деца. Не сакам ни во постари години да верувам во приказните кои ми ги продаваат политиканти кои себеси по грешка се нарекуваат државници. Сакам да верувам во човековите права и слободи, во стабилна држава поставена на тие два елемента и верувам дека во брзо време ќе направиме општествена клима поволна за промена на системот во кој живееме. Сакам да верувам во вистински дела, а не во ветувања. И ми останува да се надевам дека Никола Г. со лагите го допре небото, што ќе му овозможи неговиот пад да биде што појак и побрз. Синусоидите се чудо, а животот никогаш не бил права линија, секогаш се движел горе – долу. И кругот на среќата секогаш се вртел.

Кој бил горе, сега е долу. И обратно.

Пишува: Емил Ташевски