КК Куманово во финансиска криза, Фени и Карпош Соколи пред згаснување

Сподели со своите пријатели

Македонската кошарка е на стаклени нозе, откако два сериозни клубови кои во изминатите сезони важеа за најдобри во првенството, сега се пред згаснување. Станува збор за Фени Индустри и Карпош Соколи. Ништо подобро не е и во Куманово, кој има сериозни проблеми со финансиите, па го откажа учеството во БИБЛ лигата.

 

Loading...

 

КК Куманово од предвидените 1,2 милиони денари ќе добие двојно помалку од Општина Куманово, која важеше за најголем спонзор на клубот. Со тоа, Управата беше принудена да го откаже своето понатамошно учество во БИБЛ лигата.

 

За следната сезона новиот градоначалник најави рамномерна распределба на 250.000 евра кои општинската каса ги одделува за развој на спортот. Тоа значи дека кошаркарскиот клуб ќе добие далеку помалку пари. Воедно се најавува и дека акцент ќе се стави на домашните играчи од Куманово, односно подмладокот на тимот, кој колку и да е квалитетен е далеку од ростерот на останатите учесници во првата лига. Каква ќе биде судбината за следната сезона, останува да видиме доколку клубот ја преживее тековната.

 

 

Loading...

Ништо подобро не е ниту во Кавадарци. Откако денеска велешкиот суд одлучи да започне стечајната постапка за компанијата Фени Индустри која е најголем спонзор за истоимениот кошаркарски клуб, се отвара прашањето за неговата судбина. Кошаркарите и стручниот штаб плата не зеле од почетокот на сезоната, а се поизвесно е дека скоро нема да ја добијат.

 

 

Црна судбина му се пишува и на минатогодишниот вицешампион на Македонија, Карпош Соколи чија иднина станува се понеизвесна. Се започна со оставка на тренерот, а потоа клубот остана без странските играчи. Поквалитетните кошаркари веќе имаат понуди од други клубови. Пари нема ниту во овој клуб, најверојатно откако новиот градоначалник исто така го „затегна финансискиот вентил“ од буџетската каса.