КК Куманово со убедлив пораз од Берое

Сподели со своите пријатели

Кошаркарите на Куманово го загубија последниот меч од првата фаза во рамките на БИБЛ лигата, откако на гостински терен беа совладани од составот на бугарскиот Берое со резултат 91:70.

Со оглед дека кумановци уште одамна обезбедија пласман во понатамошниот тек од лигата, вчеравечер одиграа доста опуштен натпревар кој им беше четврт пораз наспорти шестте победи соо кои го обезбедија второто место во табелата.

Кумановци добро го отворија натпреварот со кошот на Данило Мијатовиќ, но сепак бргу влегоа во негатива и домаќинот за кратко ја дуплираше предноста пред сино-белите правејќи резултат 10-5. Двете тројки на Мијатовиќ и добрата игра на капитенот Марјан Јанески не дозволија да дојде до драстична промена толку бргу, па израмнија на 19-19. Сепак одбраната малку потфрли, па првата четвртина од натпреварот заврши со резултат 23-19 за составот на Берое. Слична игра избраниците на Марјан Србиновски покажаа и во вторите 10 минути на паркетот кога реализираа 17 поени, наспроти 24те на бугарскиот противник. Пред самиот крај на првото полувреме Берое направи и двоцифрена предност со резултат 45-34, а истата во вториот дел од натпреварот само продолжи да се зголемува.

Сино-белите катастрофално лошо влегоа во второто полувреме, но кошаркарите на Берое тоа го искористија да направат и поголема разлика со резултат 55-38, а на почетокот на последната четвртина предноста на Берое беше и од 23 поени, односно резултат 82-59. Кумановци се бореа, но полека но сигурно беше јасно дека не можат да го достигнат резултатот на противникот. Натпреварот заврши со убедлива победа за домаќинот со резултат 91-70 со што им беше зацврстена лидерската позиција во групата А од балканската лига.

Со 18 поени најдобар во редовите на КК Куманово беше Данило Мијатовиќ, додека со 12 го следи Миладин Пековиќ. Во составот на домашната екипа со 21 поен триумфираше Џоунс, а со 16 Рос.

Следниот натпревар кумановци го играат на домашен терен во сабота против составот на АВ Охрид во рамките на домашниот шампионат, а во рамките на БИБЛ лигата допрва ќе се прави новиот распоред за вториот дел од натпреварувањата, откако ќе завршат и последните три меча од првиот дел.

 

Loading...