Ќе го реши ли регионалната депонија проблемот со сметот?

Сподели со своите пријатели

Куманово наскоро се очекува да добие регионална депонија за депонирање на смет од општините од Североисточниот регион. Сегашната депонија „Краста“ во селото Пчиња би била транзитна депонија каде би доаѓал сметот од општините и потоа би се депонирал до регионалната депонија чија локација допрва треба да се одреди.

Претседателот на Североисточниот регион, Зоран Дамјановски и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку го потпишаа меморандумот, по што се очекува свој потпис на официјалниот договор да стават и градоначалниците.

Но, претходно согласност ќе се бара од Советите.

Поранешниот министер за животна средина, а сегашен министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ гостувајќи во емисијата „Став“ вели дека државата има пет до седум вакви регионални депонии.

Овие регионални депонии се општинска надлежност и тука е потребно општините да се договорат, оваа влада сериозно ќе се занимава со оваа прашање, бидејќи ако не го решиме тој проблем, ние имаме 54 депонии во Република Македонија, само една, не веќе пола, четврт услови ги исполнува депонијата „Дрисла“, настана што таму влезе лош странски инвеститор ништо не вложи, но алармантна е, едноставно веќе сфаќаме дека животот и здравјето ни зависи од третирањето на отпадот. Овие регионални депонии, Владата ќе се обиде да ги поттикне општините, бидејќи 11 години не го направија, замислете за 30 колку е неумесно да ве напаѓаат дека ништо не сте направиле – вели Шапуриќ.

Куманово, а ниту Македонија немаат примарна и секундарна селекција на отпадот, и дури 99% од отпадот се депонира.

Голем еколошки проблем, но може да се претвори во бенефит, преку преработка и користење на тие негови потенцијали, но овие регионални депонии, ако пак бидат само депонии, ќе се затрупаат и по неколку години пак ќе биде истиот проблем, иако се регионални, но работата е да имаат погон за секундарна селекција на отпадот и потоа за преработка и она што нема да се искористи да се депонира – додава Шапушриќ.

Севеористочниот регион обезбеди средства преку ИПА 2 фондот во износ од триесетина милиони евра, а одлуката дали Општина Куманово ќе го потпише овој договор ќе зависи од одлуката која советниците ќе ја донесат на седницата кон крајот на месец август.