Казна од 800 евра или КК Куманово без Трајковски на следниот меч

Сподели со своите пријатели

Крилниот центар на Куманово, Бојан Трајковски, е суспендиран на еден меч поради „неспортски однос” на синоќешниот прв полуфинален плејоф-меч против Карпош Соколи, а по пријава од делегатот по завршувањето на средбата која заврши со триумф на „соколите”.

Казната за репезентативецот на Македонија се однесува на утрешниот втор дуел од серијата што се игра до три победи, но, сепак, постои можност тој да се најде во составот на кумановци. Тоа може да се случи ако кумановци прифатат да ја заменат суспензијата за парична казна и тоа во износ од 50.000 денари. Поради брзиот ритам, челниците на Куманово ваквата одлука мора да ја донесат до крајот на денешниот ден и за неа да го известат комесарот за натпреварување, Тони Угринов.

Санкција за неспортско однесување доби и претседателот на карпошовци, Огнен Дедиќ, поради што тој е предаден на Дисциплинската комисија која дополнително ќе решава за начинот на кој тој ќе биде казнет. Меѓу казнетите ги нема Марко Симоновски од Куманово и тренерот на К. Соколи, Синиша Матиќ, кои исто така беа дел од неколкуте инциденти на вчерашниот дуел во „Борис Трајковски“.

Покрај ова, поради двете технички грешки на клупата, кумановци ќе треба да платат 48.000 денари, а „соколите“ поради фрлање тврди предмети и слабата редарска служба се санкционирани со 12.000 денари.

Истовремено, комесарот Угринов го објави терминот за утрешната средба, која со почеток во 19 часот ќе се одигра во Куманово. Вториот полуфинален дуел од серијата помеѓу Фени индустри и МЗТ Скопје ќе се одигра исто така утревечер, но половина час подоцнежен старт. Таму со 1-0 води актуелниот шампион.

Извор: СпортМедиа