ЈП „Водовод“ Куманово ќе ги менува старите водомери

Сподели со своите пријатели

Министерството за транспорт и врски деновиве ќе распише тендер за спроведување проект за замена и инсталација на водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во водоснабдителната мрежа на општина Куманово, информираа денеска надлежните од кумановското јавно претпријатие „Водовод“.

Проектот е вреден милион и 600.000 евра, обезбедени од Европска инвестициска банка. Со проектот се очекува да бидат заменети помеѓу 8.000 и 10.000 водомери во Куманово, со нови електронски, ќе бидат набавени инструменти за детектирање подземни дефекти и креација на реални и виртуелни зони за водоснабдување за менаџмент со загубите на вода. Во рамки на проектот ќе бидат поставени и инсталирани преносни ултразвучни мерачи на проток и притисок, софтвер за менаџирање со зоните за водоснабдување со што ќе се постигне  оптимизација на притисокот во системот за водоснабдување

– Проектот беше одобрен 2014-та година, но поради политички причини досега беше блокиран, сега веќе е одблокиран. Значајно е што покрај замената на старите водомери ќе се набават и инструменти со кои ќе се видат загубите на вода, кои не можат да се видат на терен. Поради тие невидливи дефекти, имаме загуба на вода од 53  проценти, што е на ниво на македонскиот просек, но нашата интенција е да имаме помала загуба на вода, значи дополнително 20 проценти намалување на загубите, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски.

Со новите водомери ќе нема мануелно ракување и читање на водомерите, пракса која се спроведува сега, туку на современ начин, со што ќе се зголеми ефикасноста на работата на претпријатието.

Новите водомери имаат гаранција десет години. Со оваа инвестиција, потенцира Стојковски, се заокружува четиригодишниот инвестициски циклус во ЈП „Водовод“ Куманово.

Извор: МИА

Loading...