Избеганиот затвореник кој сееше страв низ кумановско конечно приведен

Сподели со своите пријатели

Скоро година дена, триесет и деветгодишен кумановец со иницијали О.М. сееше страв низ приградските населби и села во кумановскиот крај, откако на 12 декември минатата година избега од Арестантното одделение во кругот на скопскиот Клинички центар.

Лицето било на издржување затворска казна за убиство и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а за периодот на бегство, според кумановската полиција успеал да изврши нови 10 кривични дела.

– Централните полициски служби при МВР, лоцирано и од слобода е лишено лицето О.М. (39) од Куманово, кое се бараше по потерница од КПУ Идризово. До моментот на лишување од слобода, според досегашните сознанија, се сомничи дека на подрачјето на Куманово извршил десет кривични дела и тоа шест кривични дела “разбојништво“, три кривични дела “тешка кражба“ и едно дело -“одземање на моторно возило“, изјави Живкица Чавдаревиќ, портпарол на СВР Куманово.

Но, лицето О.М. не избега сам од затворското одделение на клиничкиот центар. Заедно со него избега и четириесет и седумгодишен Б.К. за кого полицијата денеска не соопшти ништо.

Двајцата, земајќи го за заложник чуварот на притворското одделение во медицинскиот центар избегале со неговото приватно возило. Б.К. на оделението бил донесен десетина дена пред бегството, додека О.М. таму бил веќе цела година и бил третиран како психијатриски случај и изолиран од останатите затвореници поради тоа што постоела оопасност врз дел од нив да изврши одмазда.

О.М. е осуден на 17 години и два месеци затвор поради убиство, носење оружје и дрога, а неговиот пријател Б.К. од скопско на 16 годишна казна затвор поради носење оружје без дозвола, дрога, но и киднапирање.

Името на О.М. се споменува во полициска акција од 2006 година, кога заедно со уште четворица кумановци извршиле повеќе разбојништа низ Кратово и Куманово, каде во селата вршеле насилства и грабежи на семејства за кои знаеле дека имаат парични заштеди од продажба на добиток или заштеди обезбедени од работа во странство. Тогаш дваесет и четиригодишниот О.М. беше приведен заедно со уште три лица, а против петиот член на групата потерницата остана активна. Според официјалните архивски податоци, во кражбите и насилствата успеале да се здобијат со противправна корист од над пет милиони денари.

Иако од полицијата нема официјални информации, на 24 декември минатата година околу 20,00 часот во Куманово на ул.„11-ти Октомври“, со закани со пиштол О.М. одзел такси возило и избегал.

На 27 истиот месец година околу 19.26 часот во Куманово, во маркет во населба Карпош О.М. наводно извршил разбојништво над вработените, со пиштол удирал врз продавачката и одзел 57.000 денари.

Во низата сторени кривични дела, Б.К. за прв пат како соучесник на О.М.  се јавува во вооружена кражба сторена на 02.01.2017 година во 12.00 часот во Полициска станица Куманово, З.С. (51) од Куманово, инаку судија во Основен суд Куманово, пријавил дека во неговата викендица во месноста викана „Зубовска река“, атар на селото Зубовце, кумановско, над него и неговиот сосед Л.Д. (64) од Куманово, двајца непознати сторители извршиле разбојништво. Двајцата затвореници првин им одзеле пари во износ од околу 10.000 денари и нивните мобилни телефони, заедно со ДВД, телевизор, сателитски ресивер, појачувач и музички миксети, по што ги врзале и избегале со возилото на кумановскиот судија.

Посебната единица АЛФИ на МВР, долго време трагаше по избеганиот кумановец, по што вчера во месноста Менкова колиба е лишен од слобода.