Иванов: Македонија очекува помош и отворено лобирање од Турција за членство во НАТО

Сподели со своите пријатели

Деблокадата на интегративните процеси е клучна за долгорочна стабилност, безбедност и напредок на целиот регион. Очекуваме конструктивна поддршка, помош и отворено лобирање за членство на Македонија во Алијансата од страна на нашите пријатели – земји-членки на НАТО, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по денешната средба во Анкара со претседателот на Република Турција Реџеп Тајип Ердоган.

Поканата за членство, истакна Иванов, ќе биде дополнителен поттик за националните реформски процеси и ќе претставува позитивен пример во регионот.

Шефот на државата, како што информираат од неговиот Кабинет, изрази благодарност за принципиелниот став на Турција за решавање на билатералниот спор, кој Грција го има со Македонија, за уставното име.

– Во 21-от век, недозволиво е сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на ОН, да биде оспорувано од која било друга држава.  Разликата околу името треба да се решава во рамките на ОН и во рамката дефинирана со Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. Задирањето во прашања, како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив го отежнува процесот за изнаоѓање на решение. Ме радува фактот што претседателот Ердоган и при оваа посета искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонска страна, рече претседателот Иванов, кој престојува во официјална посета на Турција.

Иванов се заблагодари и за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Турција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО.

Турскиот претседател Ердоган ја повтори поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмираше и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.

– Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Ние откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад, рече Ердоган.

Истакна дека покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.

На средбата, како што се наведува во соопштението, била констатирана потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот.

– Македонија ја изрази својата решителност во врска со нашата борба против теророт, особено ФЕТО, која е опасност за двете држави. Оваа организација мора да ја искорениме од сите места во светот. Македонија е земја којашто направи конкретни работи во врска со оваа битка, рече турскиот претседател Ердоган.

Претседателот Иванов оцени дека Македонија негува традиционално пријателски односи со Република Турција, и динамиката на средбите е доказ за пријателството и за високиот степен на меѓусебна доверба и соработка како две земји и двата народи. Двајцата претседатели размениле мислења за внатрешните политички прашања на двете земји, за актуелните состојби во регионот, како и за прашањата од надворешно политички интерес за Република Македонија и за Република Турција. /МИА

Leave a Reply