Хелсиншкиот комитет: Нерегуларности при гласањето на слепи и лица со оштетен вид

Сподели со своите пријатели

Хелсиншкиот комитет соопшти дека за време на изборниот процес забележани се нерегуларности при гласањето на слепите лица и лицата со оштетен вид.

Од Хелсиншкиот комитет информираат дека кај нив пристигнале две пријави од лица од оваа категорија кои навеле дека имале неуспешен обид да го остварат своето избирачко право согласно новиот начин на гласање за слепите лица и лицата со оштетен вид,

Согласно новото Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид донесено на 28 септември, на слепите лица и лицата со оштетен вид им се дава можност да гласаат користејќи шаблон на Браева азбука, на кој се отпечатени податоците од избирачкото ливче. Шаблонот е изработен со цел секое слепо лице, односно лице со оштетен вид да може да гласа самостојно и тајно. На лицата кои ги пријавија неправилностите не им било овозможено да го остварат своето избирачко право согласно новиот начин на гласање, бидејќи како што наведоа посебните шаблони на Браева азбука сè уште не биле пристигнати на две одделни избирачки места, стои во соопштението.

Пријавите беа примени околу 8 часот утрината, посочуваат од Хелсиншкиот комитет и додаваат дека согласно член 91 од Изборниот законик, „Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 72 пред денот определен за одржување на изборите”, додека согласно член 92 „Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори на територијата на Република Македонија”.

Во конкретните случаи избирачите не биле во можност да го остварат своето избирачко право на денот на изборите, што е повреда на цитираните законски одредби. Подоцна бевме информирани дека шаблонот бил доставен до избирачките места околу 8:30 часот, односно час и половина по отварањето на избирачките места за гласање, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека меѓу другите пријави, добиле поплака од лице вработено во Јавно претпријатие кое навело дека не може да го оствари своето избирачко право, бидејќи било на работа во текот на целиот изборен ден, без можност за замена.

Хелсиншкиот комитет информира дека случајот го пријавиле во Министерството за труд и социјална политика, со цел да се изврши надзор за фактичката состојба во конкретниот случај од страна на инспектор за труд. Хелсиншкиот комитет бил известен дека Министерството и инспекторот за труд соодветно постапиле и на лицето му било овозможено да го оствари своето избирачко право.

До Хелсиншкиот комитет се обратиле повеќе граѓани кои пријавиле нерегуларности поврзани со Избирачкиот список, во смисла на тоа дека сè уште постојат непостоечки гласачи на нивните адреси, како и случаи за бришење од евиденцијата на гласачи во Избирачкиот список на граѓани на кои не им била позната основата на нивното бришење од списокот.

Со ваквите пријави се добива впечаток дека повторно и овие избори се одржаа во услови на непрочистен Избирачки список. Хелсиншкиот комитет упатува препорака за поголема соработка и координација меѓу МВР и Државната изборна комисија во насока на изнаоѓање на ефективен механизам за прочистување на Избирачкиот список и подготвување на упатство за постапката за бришење на непостоечките гласачи од Избирачкиот список кој ќе биде достапен за сите граѓани, стои во соопштението.

Извор: МИА

Loading...