Груевски: Имам највисока одговорност за изборните резултати

Сподели со своите пријатели

Лидерот на опозоциската ВМРО-ДПМНЕ вечерва оцени дека на денешните избори и во предизборието имало низа нерегуларности и кршење на Изборниот законик што придонело за изборните резултати за водство или некаде за победа на СДСМ.

– Како претседател на партијата, имам највисока одговорност за изборните резултати, а за сето тоа, за причините за резултатите и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите, рече Груевски.

Тој најави дека за сите нерегуларности ќе поднесе претставки и жалби и оти ќе се анализира што е  придонело за изборните резултати.

– Изборите не се завршени, а ВМРО-ДПМНЕ е голема партија со голем број симпатизери, истакна Груевски.

Во предизборието, како што наведе, имало недемократска атмосфера нефер услови, закана кон кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, се креирала атмосфера на страв и заплашувања со која се труделе да влијаат на луѓето и на нивна демотивираност.

– Полицијата беше главен заштитник и поддржувач на овие активности и таа беше ставена во партиска функција. Од многу страни добивме информации за огромен број обиди за директен поткуп на гласачи. Секако продолжи и црната кампања, а скоро и да немаше ден а да нема неоснована кривична пријава за некој наш кандидат за градоначалник или актуелен градоначалник. Денешниов изборен ден помина со бројни нерегуларности и кршење на Изборниот законик, рече Груевски.

Било забележано, како што тврди, и узурпирање на државните ресурси и се вршел притисок. – Имавме информации од многу места за поткупување на гласачи во сиот изминат период, а граѓани организирано  се превезуваа на гласачките места. Има сериозни индиции и за манипулации  со гласачките ливчиња. На повеќе места се појавуваа гласачки ливчиња од други општини што отвора сомнеж за организирана кражба на гласови. Дури и медуми објавуваа однапред заокружени гласачки ливчиња кои се дел од официјалниот изобренпроцес. Првпат во историјата на Македонија полициски џипови кружеа со партиски симаптизери на СДСМ во истите автомобили, рече Груевски, истакнувајќи дека  сето ова имало свое влијание на изборните резултати и овие нешта придонеле за водство или некаде за победа на СДСМ во повеќе општини.

Извор: МИА

Loading...