Градежни фирми, неколку лица, меѓу кои и вработени од Општина Куманово заработија кривични пријави

Сподели со своите пријатели

СВР Куманово поднесе кривична пријава против лицата М.Б. (43) од Куманово, правното лице ДПТГУ „АЗНО МЕЈКЕРС“ ДООЕЛ Скопје, З.П. (54) од Куманово, правно лице ДУТ „ВИС ПРО ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ Куманово, Н.Т. (51), В.Б. (64) и В.Л. (63), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело „бесправно градење“, а петопријавената дека ги сторила кривичните дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување на службена исправа“, додека шесто и седмопријавените сториле по едно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во текот на 2012 година на ул.„Среќко Пужаљка“ во Куманово првопријавената, како сопственик и управител на второпријавеното правно лице, како инвеститори на градба и третопријавената како сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – како изведувачи на градба, извеле градежни работи и изградиле семејна куќа од втора категорија со отстапување во однос на габаритот на објектот, со дислокација на носечки надворешен столб, на носечки бетонски столбови и со поместен излог на деловни простории на надвор со што ги зголемиле корисните површини на сите катови кои инвеститорот ги наменил за продажба. Со тоа постапиле спротивно на Основниот проект и спротивно на издаденото Одобрение за градба од Сектор за урбанизам при Општина Куманово. Кога објектот бил изграден извршиле продажба на две деловни простории и на две станбени единици со што за себе и за правното лице прибавиле противправна имотна корист од 7.535.656 денари.

Петопријавената, во својство на главен надзорен инженер, пропуштила должен надзор и иако градбата била изградена со отстапувања во однос на габаритот на објектот, изготвила и со нејзин потпис и службен печат заверила службен Извештај за извршен технички преглед во вид на одобрение за употреба во кој навела невистинита содржина и невистинити податоци дека градбата била изградена согласно проектната техничка документација.

Шестопријавената, како службено лице-овластен градежен инспектор во Сектор за инспекциски надзор-Инспекторат при Општина Куманово, постапувајќи по пријава на граѓанин во 2012 година, во неколку наврати извршила инспекциски надзор и го фотографирала објектот. Притоа, на Записници констатирала дека на предметната градба има отстапување по што изготвила и Решение со кое се наредува на инвеститорот да отстрани дел од градбата. Но, во понатамошно преземање на службени дејствија ја злоупотребила својата службена положба и овластување, на тој начин што не го затворила градилиштето со поставување посебен службен знак (жолта лента), не донела Заклучок за дозвола за административно извршување на донесеното Решение, како и не ја завршила својата службена должност за покренување на кривична постапка против инвеститорот.

Седмопријавената, како службено лице-Раководител на Сектор за инспекциски надзор-Инспекторат при Општина Куманово и непосредно претпоставено службено лице на шестопријавената, во рамки на преземање на службени дејствија по наведениов предмет ја злоупотребила службената положба и овластување, на начин што иако во текот на нејзиното работење била запознаена и свесна за горенаведената фактичка состојба, предметот не го задолжила во работа на друг овластен градежен инспектор, не превзела никакви мерки за административно извршување на додесеното Решение и не покренала кривична постака против инвеститорот.