Џезот се враќа во Куманово!

Сподели со своите пријатели

Одлична вест добивме за љубителите на џез музиката. По пауза од повеќе години, џезот се враќа во Куманово, повторно во форма на фестивал. Настанот ќе се оддржи на 22 септември, со почеток во 20:00 часот, во големата сала на Центарот за Култура “Трајко Прокопиев”. Музичката програма е составена од МС Бенд, Филип Стевановски Бенд, додека звезда на вечерта ќе биде еден од најпознатите македонски џез музичари, Владимир Четкар со својот бенд.

Loading...

Мултиталентираниот Четкар, кој потекнува од Охрид и моментално живее и работи во Њу Јорк, е гитарист, вокал и композитор кој за својата музика има добиено пофалби од престижни музичари како Џорџ Бенсон, Масео Паркер и многу други. Заразен со музиката уште од најмали нозе, како дете свирел виолина. По преселбата во С.А.Д. и започнувањето на студии на најпрестижниот колеџ за музика во светот, Беркли, се фокусира исклучиво на компонирање на џез музика за гиатара. Неговите настапи ширум светот се препосетени, додека позитивните критики за неговата музика доаѓаат од најголемите светски медиуми.

Како што изјавија организаторите, идејата за организација на фестивалот не само што потекнува од прекинатата традиција туку и објективната потреба  да се продолжи овој извонредно екстензивен културен настан. Институтот за Наука, Уметност, Култура и Спорт Куманово во своето планирање се одлучи за превземање на организацијата на џез фестивалот со цел истиот да се одржи и да прерасне во традиција која ќе се одржува секоја година.

Со организирање на овој фестивал не само што ќе се привлече внимание за музичкото структуирање и излез од секојдневните музички форми туку и ќе се покаже еден нов квалитет на џез музиката. Се надеваме дека настанот ќе привлече големо внимание со оглед на интересот кој постои не само кај граѓаните од град Куманово, туку и пошироко.

 

Билетите за фестивалот се веќе пуштени во продажба, по симболична цена од само 100 денари. Екипата на Кумановски Муабети ја има таа чест да биде еден од медиумските покровители на оваа престижна манифестација. На организаторите им посакуваме успешен фестивал, со надеж дека оваа манифестација ќе прерасне во традиција и ќе го врати стариот сјај на Куманово.