Две кумановки во новата македонска серија – „ТВ БОКС“ (фото+видео)

loading...

Од 16 октомври, со почеток во 22:00 часот, на телевизија Телма ќе почне со емитување новата македонска телевизиска серија – ТВ Бокс. Серијата е работена според истоимената театарска претстава, која е прв проект на независнаото здружение за афирмација Луменетика Проект. Серијата е работена во копродукција со 3Д Проџект Студио, во режија на Златко Славенски, a во неа играат: Ангела Стојановска, Ирена Мирческа, Васко Костовски, Христијан Поп Симонов и Владанка Димковска.

Дејствието на серијата  се одвива во една телевизиска станица, каде што имаме шанса да видиме како изгледа животот на телевизиските лица пред и зад камерите. Како вработените во телевизијата се справуваат со последиците од нивните одлуки на приватен и професионален план? Како се одлучува што ќе биде прикажано малите екрани во оваа ера на т.н. пост-вистина? Комбинирајќи ведар пристап и сериозни современи теми, ТВ Бокс ги опфаќа проблемите со кои се соочува современиот човек: од политиката до сексот, од готвењето до депресијата, од љубовните врски до корупцијата.

Владанка и Ангела се од Куманово, тие се дел од тимот на новата серија која ќе зрачи во македонскиот етер, а ние поразговаравме со двете, за нивните впечатоци, но и за она што гледачите може да го очекуваат од овој проект.

КМ: Една поинаква приказна, ТВ проект каков што до сега во Македонија немало, што е она што „ТВ Бокс“ може да им го понуди на гледачите?

Владанка: TВ Бокс е слика за тоа како се претставува вистината денес, еден прекрасен луна парк во кој во собата со искрвени огледала најискривена е ВИСТИНАТА. Лично за мене како проект ТВ Бокс претставува  заедничка борба меѓу сонот и суровата реалност. Среќа – сега за сега СОНОТ победува.

Ангела: ТВ Бокс потсетува на важноста на вистината како таква и нејзиното место во денешницата – за оние кои не беа дел од процесот. За нас, оние кои бевме – ТВ Бокс е доказ за тоа дека соништата можат да се остварат дури и во најсуровите услови.

 

 

КМ: Колку време работевте со тимот за реализација на оваа интересна приказна?

Владанка: На 13.10.2017 ќе бидат точно две години. На 16.10 ни се емитува првата епизода. Значи сонот на Луменетика се оствари за 2 години и три дена.

Ангела :Луменетика започна со работа пред две години. Првин излезе ТВ Бокс во форма на претстава, а малку подоцна со дополнување на сценариото дојдовме до ТВ Бокс во форма на мини ТВ серијал.

КМ: Ќе внесе ли „ТВ Бокс“ нова перспектива кога се во прашање македонските серии?

Владанка:  TВ Бокс веќе е една цела нова перспектива во Македонската култура би рекла. Јас сакам ТВ Бокс да измени работи во Македонската култура, и да постави нови темели за создавање и истражување кога е во прашање уметноста.

Ангела: Без сомнежи. И тоа од повеќе аспекти – серија чие дејство се одвива во телевизиска станица, со 5 актери кои играат просечно по 10 лика, со дијалози напишани од страна на самата екипа и со гости кои се играат самите себе во емисиите кои ги водат нашите ликови.

КМ:Како сте задоволни од вашите ликови? Колку тие се совпаѓаат со она што навистина сте зад камерите?

Владанка : Играме просечно по 10 лика во серијата. Секој од нас. Тоа се 10 различни луѓе, 10000 различни проблеми и 10 различни погледи на светот. Значи борбата да се најдеш себе во секој од нив – или да го создадеш секој од нив во себе е интереснa, задоволува но, секако не е лесна. Би рекла ликовите некако ми помогнаа да се најдам зад камерите (хехе)

Ангела:Кога си ја земаш слободата ти сам/а да си дел од креирање на истите – не можеш да не си задоволен/на.

 

 

КМ: Колку луѓе работеа на проектот и како сте задоволни од соработката со останатата актерска екипа?

Aнгела и Владанка: Јадрото беа 6 луѓе.Ние двете, Ирена Мирческа, Васко Костовски, Христијан Поп – Симонов, и режисерот Златко Славенски. А во изминативе две години, многу луѓе влегуваа и излегуваа и секој од нив допринесе на свој сопствен начин во она што сега е ТВ Бокс. Во однос на соработката со актерската екипа – тие се нашиколеги од факултет, Златко беше наш ментор за време на студии – не би можеле да бидеме посреќни и позадоволни што ова го направивме заедно.

КМ: Што ќе им порачате на гледачите кои ја очекуваат оваа телевизиска приказна?

Владанка: Да бидат отворени да прифатат нешто ново и различно. Секогаш. И секаде. Зошто нели така се поместуваат граници? Се надевам дека патувањето низ ТВ БОКС ќе им се допадне.

Ангела: Би им порачала да се подготват за изненадувањата кои следат. И да уживаат во гледањето, исто колку што ние уживавме во создавањето.

 

Тргнувајќи од идејата да се внесе нов бран на енергија во телевизискиот етер и да се промовира нов начин на актерска игра, Луменетика Проект во овој проект ја комбинира креативната енергија на актерите со онаа на повеќе музички бендови, сликари, писатели, филозофи, луѓе од најразлични сфери кои со своите идеи ја надградуваат идејата за креативноста.

Во свет во кој општото мнение помалку зависи од објективните факти отколку од апелирањето кон емоциите на мнозинството, ТВ Бокс е плод на анализирање на процесот на „пакување“ на информациите од страна на медиумите во еден кохезивен пакет наречен „вистина“ и влијанието кој што истиот го има врз поединецот.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments