Двајца познати крадци од Куманово се соочуваат со нови кривични пријави

Сподели со своите пријатели

СВР Скопје поднесе кривични пријави против Д.Р.(41) и М.З.(27) и двајцата од Куманово, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело “разбојничка кражба“.

Пријавените Д.Р. и М.З. разбојничката кражба ја извршиле во декември минатата година околу 12,00 часот при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 29.000 денари. Имено тие најпрво отишле во Космо Тинекс Дрогерија лоцирана на ул.„Даме Груев“ по што првопријавениот влегол внатре, а второпријавениот го чекал надвор и по кратко разгледување по рафтовите каде биле изложени парфемите Д.Р. украл пет парфеми и се упатил кон излезот. Истиот бил забележан од страна на вработената  која се обидела да го сопре на излезот, но тој не застанал и во еден момент се свртел кон вработената и ја удрил со бокс во пределот на вратот по што таа паднала на земја, а Д.Р. заедно со М.З. кој бил присутен при нападот го напуштиле местото на настанот.

По превземени оперативни мерки и активности првопријавениот Д.Р. бил приведен во ПС ОН Центар, а додека второпријавениот М.З. по предходно распишана потрага бил приведен во Куманово.

Било извршено препознавање во кое оштетената ги препознала пријавените лица како сторители на кривичното дело. Со нив бил извршен разговор во кој првопријавениот Д.Р. во целост го признал и појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Инаку, Д.Р. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, потоа на кривични дела против јавниот ред и мир и кривични дела против здравјето на луѓето за што од страна на СВР Скопје во временскиот период од 1994  до 1997 година поднесени му биле две кривични пријави, а страна на СВР Куманово во временскиот период од 1992 до 2015 година поднесени му биле 19 кривични пријави.

И М.З. е сторител на кривични дела од областа на имотните деликти  и кривични дела против здравјето на луѓето за што од страна на СВР Куманово  во временскиот од 2009 до 2015 година поднесени му биле три кривични пријави.