Државната контрола во прифатните бегалски центри сè поостра и поостра

Сподели со своите пријатели

Храна и пијалоци наменети во вид на помош за бранот бегалци кои на Табановце пристигнуваат од Гевгелија веќе се распределуваат строго од субјекти кои претходно имаат добиено сертификат издаден од Агенцијата за храна и ветеринарство, неофицијално коментираат невладините организации.

Loading...

Без издадениот сертификат, невладините организации кои досега делеа храна добавена од донатори, нема да можат да работат, со оглед дека се работи за потенцијална опасност од труење, а оттука и кривична одговорност, велат невладините кои работат на преминот Табановце.

Како што се зголемува бранот на бегалците од Блискиот Исток, така и државата ги заострува мерките во двата прифатни центри, т.е влегување во прифатниот центар во Гевгелија со оградувањето на просторот, влезот и излезот е строго контролиран од страна на полицијата, додека на Табановце, поради неоградениот простор, граѓанските активисти може да влезат но мора да се пријават во полициската станица на железничкиот премин како и присутните новинарски екипи кои мора да поседуваат одобрение за снимање издадено од МВР.

Во разговор со Иле Митковски, секретар на ОО на Црвен Крст Куманово, дознаваме дека на преминот Табановце, се поставени шест од десет нови настрешници наменети за бегалците во пресрет на дождливите денови поставени со посредство на УНХЦР.

Во рамки на активностите на терен, Црвен Крст Куманово врши редовна дистрибуција на хуманитарни пакети и медицинска помош, вели Митковски,  како и чистење на просторот на преминот Табановце, при што за таа намена се вработени шестмина жители на селото.

Инаку, досега на преминот Табановце, дистрибуција на храна вршеа повеќе невладини организации, од кои некои донираат храна, додека некои невладини донирааат ќебиња и облека.

Потребата од континурирана помош коментираат невладините е драстично зголемена со оглед дека бранот бегалци се зголемува дневно.

Според МВР, Во периодот од 19.06.2015 до 10.09.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди за барање азил и привремен престој на вкупно 68.784 странски државјани.

Loading...