Доаѓаат промените!

Сподели со своите пријатели

Почетокот на партиската кампања на екс – премиерот, а сега актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ грубо ја игнорира реалноста во Република Македонија. Во свој автентичен препознатлив стил одново им докажува на граѓаните дека иако дели со нив ист простор и дише ист воздух, не живее во ист свет.

Домашната економска фактографија, “умерено” кажано е катастрофална, не постои ниту еден објективен економски показател кој би ни дал оптимизам. Бројките со процентот на невработени манипулативно се шпекулираат и адаптираат на потребите на партиската статистика. Проблемот со невработеноста би бил уште потежок да нема одлив на работна сила во странство (и тоа по правило најквалификувана) – ЕМИГРАЦИЈАТА Е ЕФИКАСЕН ИНСТРУМЕНТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ. Економскиот колапс на државата се одложува со редовен пораст на задолжување. Во Македонија малку се инвестира, а државата многу троши.

За да биде уште помачно и понеизвесно, свесно со квази ароганција и демонстрација на непобедливост, екс – премиерот од ден во ден креира уште поголема политичка криза. Реформаторот кој требаше да ја усреќи и збогати нацијата само со 100 чекори, ја унакажа за следни 1000 години. Дрскоста и невоспитаноста ја манифестира со едностраното форсирање се извинувам тристраното (+ ДУИ и ДПА) форсирање на 24-ти април за изборен ден. Договорот од Пржино стана третиран од негова страна како можност да се протера изборниот процес набрзина, неспремно и сомнителено. Искрено лично не ни очекувам нешто друго од човекот кој десет години катаклизмички ја препородува Република Македонија. За да не биде колумната сфатена како едностран напад на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да потенцирам зошто е битно да се испочитува договорот кој бара демократичност, а не фиксна бројка преточена во датум.

На крајно демократски и одговорен начин нашиот лидер Зоран Заев излезе со предлог и доби едногласна подршка од Централниот одбор на партијата за неучествување на изборите на 24-ти април. Сосема разбирливо и рационално, овој став како опозиционери го елаборираме со едноставни тези –  Договорот од Пржино е склучен за да се надмине политичката криза, а не за да се продлабочува. Во изминатиот период СДСМ докажа дека е партија која е доволно силна и моќна да ги издржи сите процеси, а ниту во еден случај да не биде нем посматрач и спроведувач на еднострани одлуки на братската коалиција Груевски-Ахмети-Тачи. Груевски едноставно несака, незнае и не може да спроведе фер и демократски избори во кои сите политички партии ќе имаат еднакви шанси за фер борба. Одамна помина времето во Македонија каде опозицијата ќе може со факти и аргументи да се конфронтира и убедува со власта на политичка дебата за оправданоста на своите политики.

Круцијална работа за спроведување на едни избори е имање на релевантен, прочистен и реалан избирачки список. Реална бројка на луѓе кои гласаат, без мртовци, жители од Пустец или луѓе кои подолго време ја напуштиле државата. Предлогот на СДСМ по однос на избирачкиот список е многу дециден: за прочистување на избирачкиот список потребно е да се направи статистичко-историско проверување, значи споредување на претходните со новите, споредување на 10 бази на податоци со избирачкиот список, теренска проверка и евентуално бришење на сите недозволиви податоци коишто се во избирачкиотсписок.
За да има теренска проверка треба да завршат претходните две фази, а за да се почне со проверка на терен треба да има медиумска кампања за да се известат граѓаните дека теренски ќе се прочистува списокот, мора да бидат обучени претставниците на ДИК, администрацијата и претставниците на политичките партии за чување на личните податоци. И пред се да се даде можност и шанса на Државната изборна комисија да каже кога и колку е неопходното време потребно или кога завршува тоа време за прочистување на избирачкиот список.

Медиумите се сериозен креатор на јавното мислење во современиот свет, во Македонија најдрско се злоупотребува имањето на национална концесија за емитување сигнал на територија на целата држава. Владата, милионски суми доделува на своите медиумски мегафони, кои наместо професионализам, демонстрираат извитоперено новинарство пресликано во бљувотина и полтронство. Со такви медиуми се фрла прашина во очите на граѓаните и неуспесите се претставуваат како врвни дострели, а политичкиот непријател се сатанизира и цензурира. Донесување на закон за медиуми е итекако важен елемент за имање на фер можност на секој политички субјект да се представи и да се понуди на политичката сцена.

Во своите ставови и барања СДСМ не е сам, туку напротив има подршка од своите коалициони партнери, подршка од неколку партии со албански предзнак и над седумдесет и пет невладини здруженија. Опозициски јак фронт од политички партии, невладини здруженија, слободоумни и критични граѓани, па дури и верските заедници се нужност која се наметнува сама по себе, потреба која прагматичната реалност ја става на пиедесталот на врвни приоритети. Опозицијата не е онаа што беше пред една или две години, опозицијата и обичниот граѓанин се многу поодлучни, похрабри и посигурни дека заминувањето на ЕКС Премиерот е единствено нешто кое може да ја врати насмевката во оваа напетена земја. Единствено падот на десетгодишниот режим, опстукцијата, ступидноста и стравот се опција, друга шанса Македонија нема.

Почитувани, сограѓани на сите им е јасно дека вака веќе не може, не оди. Загриженоста, напнатноста и нервозата не се издржуваат. Знаете дека времето на промени чука на нашите врати, периодот кој предстои пред нас ќе бара од секој поединечно, општествена одговорност и одговорност за иднината на нашите деца. Секој граѓанин не смее да стои од страна и да ја завзема страната на неутралноста, мораме сите заедно да застанема и да кажеме „ЕКС ПРЕМИЕРУ ДОСТА БЕШЕ!’, сите имаме по еден живот, сакаме да живееме во својата земја слободно и среќно.

Доаѓаат промените !!!

Пишува: Мартин Костовски, Претседател на ОО на СДСМ – Куманово.