Денеска продолжува координацијата на Комисијата за избори и именувања

Сподели со своите пријатели

Денеска напладне во Собранието на Република Македонија треба да продолжи координацијата на Комисијата за избори и менувања составена од парламентарните групи кои треба да закажат продолжување на Конститутивната седница на Собранието.

Во комисијата, шест членови има ВМРО-ДПМНЕ, пет има СДСМ, додека по еден претставник имаат ДУИ и БЕСА. Вчера откако не договрија претседател на комисијата, координацијата беше прекината и истата треба да продолжи во текот на денешниот ден.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ досегашната пракса била со комисијата да претседава претставник од најголемата пратеничка група.

Претседателското место во Комисијата секогаш без исклучок припаѓа на најголемата пратеничка група. Спремни сме ако има договор уште утре да ги тераме следните постапки и процедури во работата на Собранието – изјави Димовски.

Според Оливер Спасовски од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ поради лични и партиски интереси не сака да функционира Собранието. Тој обвини дека првиот спикер Трајко Вељановски им побарал писмено барање со 61 потпис за да продолжи конститутивната седница што е спротивно со Деловникот за работа.

Доставивме 67 потписи, а веднаш потоа излезе ново барање на ВМРО-ДПМНЕ дека мора да имаат шест членови во Комисијата за избори и именувања врз основа на застапеноста во Собранието. И тоа им го прифативме, а потоа поставија нов услов. Сега бараат и претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ и најавуваат дека ако тоа не се случи, нема да продолжи конститутивната седница на Собранието – рече Спасовски.

Комисијата за прашања на избори и именувања се избира на конститутивната седница по предлог на најмалку 10 пратении, а составот треба да обезбеди соодвена застапеност на партиите кои имаат пратеници.

Конститутивната седница беше започната на 30 декември минатата година, но прекината откако никој не обезбеди парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието. Се очекува Комисијата да ја продолжи седницата на која ќе се избере нов претседател, а според сите пишува и шпекулации местото на прв спикер ќе биде на некој од албанските политички партии.

 

Loading...