Дамјановски: ДПМНЕ незаконски го приватизираше „Пионерскиот дом“, јас го вратив со судска постапка

Сподели со своите пријатели

По денешната прес конференција на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски, дека градоначалникот Зоран Дамјанвоски ветил, а не изградил детски градинки и дека Владата на СДСМ се китела со туѓу перја пренаменувајќи го Пионерскиот дом во детска градинка, пристигна писмена реакција и од локалната самоуправа.

Во неа Дамјановски вели дека граѓаните на Куманово треба да ја знаат вистината за објектот во центарот на градот. Реакцијата ви ја пренесуваме интегрално.

Владата на ДПМНЕ  го доведе објектот „Пионерски дом „ во положба каква што е денес.

За време на владеењето на ДПМНЕ е дозволена незаконска приватизација на „Пионерскиот дом“ по што  станува „Центар за детско творештво“  во приватна сопственост на луѓе блиски до поранешна власт.

Заради незаконско давање  на деловен простор на луѓе од ДПМНЕ доаѓа до разнебитување на просторот и негово заборавање.

Јас како градоначалник презедов постапка, со што тој објект по долга судска постапка се врати во сопственост на Република Македонија 2006 година. Со одлука на влада се  доделува на користење на Министерство за образование, па потоа на Министерство за труд и социјала. но, не и на општината.

Господа од ДПМНЕ, за вас е познат начинот на владеење со манипулации. Единаесет години владеевте и објектот само го шетавте низ  министерствата и му дававте различни намени.  Вашите перја паднаа, затоа што беа вештачки, колку и да сакавте со нив да летате.

Јас како градоначалник  и новата Влада на СДСМ  и од руинираниот простор ќе направиме градинка, место кое ќе биде  во интерес на сите граѓаните на овој град – стои во реакцијата на градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски.

фото: архива