Чавков: Мигрантите може да користат јавен превоз но без легален премин на граница (видео)

Сподели со своите пријатели

Митко Чавков, министер за внатрешни работи денес оствари работна посета на СВР Куманово. Ова е втора посета на Чавков на Куманово откако беше назначен за министер во Владата на РМ.

Loading...

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и директорот на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савовски денеска имаа средба и со жителите на населбата „Тоде Мендол“, каде на 9 и 10 мај се одвиваше полициска акција за сузбивање криминално-терористичка група, со претставници на СВР Куманово, на цивилниот сектор и Исламската верска заедница.

[huge_it_gallery id=”83″]

 

Во рамки на денешната посета, министерот оствари средба со невладиниот сектор во просториите на Центарот за меѓукултурен дијалог, при што беше разговарано за соживотот во градот по немилите настани на 9 и 10 мај во Куманово.

– Денес имавме состанок со сите чинители кои се упатени на соработка со полицијата и разговаравме за сите прашања кои се однесуваат на безбедноста на заедницата и почитувањето на човековите права и слободи. Отворивме теми кои заеднички не` тангираат, односно разговаравме за посуптилни теми како што се радикализација на тероризмот и насилството, истакна Чавков.

Истрагата за случувањата во Куманово во делот на ингеренциите на МВР се завршени, вели Чавков, со спроведување на увид на лице место со кој раководеше Јавното обвинителство, со подигнати траги како материјални докази кои ќе бидат користени во понатамошната истражна постапка.

– Нашите очекувања се Јавното обвинителство во една транспарентна судска постапка да ги расчисти сите околности за случувањата во Куманово. Засега нема барање за спроведување на меѓународна истрага, и по мое уверување, не постои причина за такво нешто, вели Чавков.

Министерот за внатрешни работи при посетата на Куманово даде и свое видување за состојбите во Македонија и ескалацијата со бранот бегалци од Блискиот Исток, потенцирајќи дека не се работи за државен, туку за проблем со кој се соочуваат сите држави во Европска Унија.

– Светот се соочува со хуманитарен проблем поврзан со миграциските процеси. Ние како МВР, односно како Влада, се обидуваме меѓуресорски да ги решаваме сите прашања поврзани со бранот мигранти во Македонија. Поставено е меѓуресорско тело односно работна група која на министерско ниво се среќава еднаш неделно, како и оперативно со секојдневни средби на претставници на разни министерства со цел да се амортизираат проблемите со напливот на мигранти. Како што знаете, направивме и измени во Законот за азил, и почнавме да постапуваме по тие измени со превенирање, мигрантите да не бидат изложени на разни криминални банди, вели Чавков.

Според министерот, мигрантите имаат право по сила на Закон за азил да користат јавен превоз и рок од 72 часа за легален престој кога треба да се одлучат дали ќе побараат азил во Република Македонија. Чавков очекува ситуацијата со мигрантите да бележи континуитет на ескалација со бранот мигранти, со оглед на ситуацијата во државите на ЕУ, каде се` уште не постои координираност по прашање на менаџирање на проблемот со големиот бран бегалци од Блискиот Исток.

Loading...

Мигрантите ќе мора да користат диви премини во Табановце, потенцираше Чавков со оглед дека тие немаат валидни патни исправи за напуштање на државната граница на РМ.