Царовска:ММФ не бара зголемување на старосната граница за пензионирање

Сподели со своите пријатели

Владата се зазема сериозно за стабилизација на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување и веднаш формиравме владин Совет кој го води Министерството за труд и социјална политика и членуваат четиворица министри во него, дискутираме за состојбите во ПИОМ и двајца експерти од Светска банка работат на детални анализи на пензиските друштва, МАПAС и на Фондот на ПИОМ и набрзо очекуваме извештај од кој ќе произлезе Акциски план за законски измени и регулатива, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Прашана дали ќе ги прифатат препораките на ММФ за стабилизирање на ПИОМ, Царовска рече дека ги почитуваат препораките, но нивните препораки не се да се укине бенефицираниот стаж и не се да се зголеми старосната граница.

– Во Македонија постојат други чекори што треба да се преземат и за тоа ќе излеземе кога ќе имаме детален план. За да може да се стабилизира Фондот, прво нешто што преземавме е дека го почитуваме законското решение за зголемување на пензиите и усогласување, а не ад хок паушални зголемувања што не се основани, изјави Царовска.

Посочи дека е многу важно дека Владата најодговорно тврди дека ќе се грижи за достоинствена пензија на сегашните пензионери, но и за достоинствена пензија на идните пензионери што е дискусија што заеднички ќе ја отвориме и ќе дискутираме.

– Не е единствено решение зголемување на старосната граница. Тоа е последното решение што треба да се преземе, навистина во Македонија има други работи што треба да се надминат во системот. Тоа е можеби идно долгорочно, но не размислуваме за тоа, сега има и други мерки што ќе ги преземеме и ќе бидат јавно објавени, изјави Царовска.

Извор: МИА

Loading...