Царовска: Обврзани сме да им помогнеме на најпогодените од сиромаштијата (видео)

Сподели со своите пријатели

Екстремните форми на сиромаштија мора да се искоренат. Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над глава,  порачува  по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Борбата против сиромаштијата, наведува, е наш најголем предизвик. Во Македонија, како што наведува, 21,5 проценти од населението живее во сиромаштија, а целта е на среден рок стапката на сиромаштија да се намали под 16 проценти во 2020 година.

– Македонија е со Устав дефинирана како социјална држава, но во реалноста, системот често затајува. Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодени од сиромаштијата. И тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација, истакнува Царовска.

За исполнување на целта за намалување на стапката на сиромаштијата, како што наведува, клучен е економскиот развој кој ќе значи повеќе средства и услуги за сите.

За позначајни резултати на ова поле е потребно време, но, како што наведува, кога постои политичка волја, некои работи може да се менуваат веднаш-како што е кратењето на непродуктивни и неразумни трошоци.

Според Царовска, во Македонија за жал не се сиромашни само оние кои што немаат работа, туку и голем број вработени, а токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи. За да успее борбата против сиромаштијата на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и напредуваат дома, за да запре нивното иселување, а треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, како и на квалитетно и достапно образование и социјални услуги блиски до граѓаните, наведува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по повод  Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.

Loading...

Извор: МИА