БПЦ треба да го прифати барањето на МПЦ, сметаат бугарски аналитичари

Сподели со своите пријатели

Бугарската православна црква треба да ја искористи историската шанса и да стане мајка црква на Македонската православна црква, коментираат дел од аналитичарите во Бугарија по барањето на МПЦ за евхаристиско единство со БПЦ.

Милен Врабевски, претседател на фондацијата „Бугарска памет“ во изјава за Бугарската национална телевизија, вели дека дека БПЦ треба да го прифати барањето на МПЦ бидејќи, како што наведува, „втора таква шанса ќе нема“.

– Апелирам до бугарскиот патријарх Неофит да заземе позиција на духовен татко и да помисли дека од другата страна живеат наши духовни браќа. Редно е да го поддржи народот во Македонија, изјави Врабевски.

Според него, есенва имало средби меѓу бугарски и македонски владици во Бугарија, но Синодот на БПЦ се уште се плаши да го направи првиот чекор.

За прифаќање на барањето од МПЦ е и поранешниот директор на бугарската Дирекција за вероисповед Љубомир Младенов, кој е и еден од иницијаторите на контактите меѓу Македонската и Бугарската црква.

– Непростливо е да се пропушти оваа историска шанса. Патријархот Неофит во вие настани треба да гледа како на продолжение на неговата доследна работа и преку своите личните убедувања да ги доведе работите до добар крај, вели Младенов.

На Бугарската национална телевизија беше прикажано и писмото од Светиот синод на МПЦ – ОА во кое бара од БПЦ да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.

– Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви, стои во писмото од МПЦ-ОА.

Владиката Наум и митрополит струмички, како што објави МИА, во интервју за Бугарската телевизија рече дека се отвора нова страница во прашањето за црковниот статус на МПЦ-ОА, објаснувајќим оти нејзината автокефалност досега не е призната од политички причини.

– Македонија и Бугарија имаат заедничка религиозна историја. БПЦ има шанса со самото признавање на МПЦ-ОА да стане мајка на МПЦ-ОА. Тоа е ретка историска шанса која БПЦ не треба да ја пропушти, изјави  владиката Наум.

За писмото и барањата на МПЦ-ОА засега нема никакви реакции од Синодот на БПЦ ниту од бугарскиот патријарх Неофит.

Извор: МИА

Loading...