БИБЛ: КК Куманово поразен и од Рилски Спортист (галерија)

Сподели со своите пријатели

Пред полупразни трибини и влажен паркет, кошаркарите на Куманово го забележаа четвртиот пораз во рамките на БИБЛ лигата, откако со резултат 96:80 беа совладани од бугарскиот Рилски Спортист.

 

Loading...

 

Стандардниот старт со израмнета игра во првата четвртина беше присутен и на овој натпревар, иако цело време водството беше за гостинската екипа, тоа не беше големо. Пред истекот на првите 10 минути од средбата гостите водеа со резултат 14:18, но четири загубени топки во низа, избраниците на Александар Петровиќ ги чинеа многу. Потоа следуваше серија од 10 поени кои ги уфрлија кошаркарите на Рилски и првата четвртина ја завршија со големо водство, односно резултат 14:28.

 

 

Втората четвртина Куманово успеа да се консолидира, односно беше подобар од бугарскиот состав, па со само четири поени негатива заминаа на пауза, односно резултат 43:47.

 

Loading...

 

Токму кога и онака малубројната публика се надеваше дека шансите не се загубени, следуваше катастрофална трета четвртина во која Рилски уфрли 31 поен, наспроти скромните 15 на кумановци. Голем број грешки, промашени шутеви имаа и старите, но и новиот играч Адем Мекиќ, кој имаше лошо деби и од петте обиди за шут не реализира ниту еден. Третиот период заврши со 20 поени негатива за составот на Куманово.

 

 

Последните десет минути од средбата иако се трудеа, домаќините не можеа да го достигнат водството на Рилски. Запишаа четири поени повеќе, што не беше доволно. Мечот го загубија со 16 поени разлика.

 

 

Новиот тренер по своето доаѓање не успеа со кумановци да извојува победа, но вели дека мора сериозно да се поработи и да се доведе уште некое засилување.

– Натпреварот го загубивме за две минути, многу загубени топки во раце, со лесни поени дадоа кошеви, мислам дека оваа екипа е поутренирана од нас, нам ни претстои многу работа за да нешто направиме. Во сабота после Кожув следува пауза, ќе работиме ќе се трудиме и тоа. Не очекува во сабота многу важен натпревар против Кожув, некои работи мора да ги доведеме во ред, инаку вака не бива. Тимот е…. Ќе видиме. Многу работа има, јас сум 10 дена тука, четири натпревари, немавме и многу време за тренинг, меѓутоа ќе видиме што ќе направиме, мислам дека треба ростерот да се засили, ќе работиме да доведеме некое засилување, инаку вака не може. На секој натпревар примаме над 90 поени, со 90 поени дома примени не можеш никого да победиш, изјави Александар Петровиќ, тренер на КК Куманово.

 

Loading...

 

Во кумановскиот состав со 19 поени најефикасен беше Мајран Јанески, а со поен помалку Димитар Караџовски. Новото засилување, Адем Мекиќ даде впиша само два поени.

 

 

Кај гостите со 20 поени најдобар беше Тејлор, а со 17 Џетер.

– Очекувавме да биде тешко, сме имале доста натпревари во Куманово и никогаш не било лесно. Знаеме каква е салата и публиката, но бевме многу добро подготвени и физички и психички и тактички. Сметам дека агресивната игра и поголемата ротација помогна да победиме, изјави Лудмил Хаџисотиров, тренер на КК Рилски Спортист.

 

 

Loading...

Следниот меч кошаркарите на Куманово во рамките на БИБЛ лигата го играат дури на 6 декември, против составот на македонскиот Блокотехна, кој е на првата позиција и во Балканската лига, но и во домашниот шампионат каде не бележи пораз. Во сабота во рамките на седмото коло од македонската лига кумановци гостуваат кај Кожув во Гевгелија.

 

 

 

Loading...

 

 

 

Loading...