Бесплатно впишување имот во катастарските општини

Сподели со своите пријатели

Сопственици од вкупно 13 катастарска општина низ Македонија ќе добијат можност бесплатно да добијат имотен лист. Станува збор за општини во катастарските одделенија во Куманово, Гостирар, Велес, Македонски Брод, Свети Николе и Штип.

За реализација на оваа цел, во 2014 година беа направени измени на Законот за катастар на недвижности со кои се овозможи Kатастарот да изврши бесплатно запишување на правото на сопственост во катастарските општини каде што процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20%.

Одделението за катастар на недвижности во Куманово ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини: Рамно, Буковљане, Дренак, Малотино, Кокино, Брешко, Дејловце, Аљинце, Сопот, Алашевце, Бељаковце, Цвиланце, Бајловце, Пелинце и Длабочица.

Ја користам оваа можност да ги повикам сите граѓани и правни лица кои поседуваат имот во катастарските општини опфатени со програмата, да поднесат  барање, односно пријава, до одделението за катастар каде што се наоѓа нивната недвижност и да ја приложат целокупната документација со која располагаат за да го докажат правото на сопственост (пресуди, договори, акти на државни органи, наследни решенија, поседовни листови и сл.), со што Агенцијата за катастар на недвижности ќе изврши бесплатно запишување на правата на сопственост – соопшти денес на прес конференција директорот на Катастарот Славче Трпески.

Во електронскиот катастар вкупно има 4.047.000 катастарски парцели и на почетокот на овој проект, во 2014 година, околу 420.000 катастарски парцели беа со неутврдени права на сопственост. Во рамките на годишните програми за 2014, 2015 и 2016 година околу 100.000 катастарски парцели, и тоа 60.000 катастарски парцели земјоделско земјиште и 40.000 катастарски парцели градежно земјиште бесплатно се изложија и го добија својот сопственик.