„Атлантик“: Во Сирија во тек е војна на секој против секого

Сподели со своите пријатели

Веројатно на Иран, Израел, Турција, Русија и САД никој не им кажал дека победата над терористите, требаше да претставува крај на седумгодишната војна во Сирија, оценува американскиот магазин „Атлантик“ во својата анализа на состојбата во ова блискоисточна земја.

– Тоа не е само уште една ерупција на насилство во оваа како што изгледа бесконечна војна. Тоа е судир меѓу двете најголеми светски сили – САД и Русија, меѓу двете членки на НАТО – САД и Турција и меѓу заколнатите непријатели – Израел и Иран. оценува магазинот.

Експертот на вашингтонскиот Атлантски совет, Фајсал Итани во изјава за „Атлантик“ оценува дека војната во Сирија никогаш не била толку интернационализирана како што е сега.

Магазинот оценува дека во моментов силите лојални на сирискиот претседател Башар ел Асад, со поддршка на Иран и Русија, успеале да ги потиснат бунтовниците.

– Меѓутоа, ниту една од странските сили не е задоволна со сегашниот стаус кво. Секоја од силите проверува колку далеку може да отиде во заштитата на своите интереси – честопати и во буквална смисла, смета „Атлантик“.

Според магазинот, Турција не е подготвена да се согласи на зајакнување на позициите на сириските Курди, кои ја имаат поддршката на САД.

– Од друга страна, Вашингтон по се изгледа е цврсто решен во својот став да остане во Сирија за да спречи воскреснување на терористичките групи и да го оневозможи планот на Иран за ширење на своето влијание во источниот Медитеран. Израел ги поддржува плановите на САД насочени против Иран, додава весникот.

Русија од своја страна сака да опстане нејзината сојузничка Влада во Дамаск и да го задржи своето воено присуство во источниот дел на Средоземното Море, со што, според „Атлантик“, би си ја обезбедила позицијата на светски лидер, каква што имаат САД.

– Иранците се обидуваат да создадат долгорочна стратешка воена инфраструктура во Сирија, да изградат фабрики за производство на ракети и да префрлат таму муниција со голема прецизност, смета „Атлантик“./МИА

Leave a Reply