11. победа за ЖРК Куманово

Сподели со своите пријатели

Женскиот ракометен тим од Куманово на домашен терен ја оствари единаесетта победа во рамките на вториот дел од новата сезона од женската Супер лига.

На овој натпревар кумановки беа фаворити, а разликата во квалитетот беше демонстрирана уште во првото полувреме. Меѓутоа во единаесетата минута од првото полувреме репрезентативката Александра Боризовска во дресот на ЖРК Куманово заработи непријатна повреда на раката која што ќе ја оддалечи од терените два месеци. По само неколку минути нова непријатна ситуација кај домаќинот. Повратничката Маја Ивановска заработи тешка повреда на коленото. Сезоната за неа е завршена. Меѓутоа избраничките на тренерот Зоран Јосимовски како да добија поголема мотивација и успеаа да го одржат водството во првото полувреме. На полувреме се замина со резултат 11:7.

 Второто полувреме домашниот тим го изигра уште посупериорно и ја зголемуваше предноста. Предводени од триото младински репрезентативки Мила Трајковиќ, Јована Кипријановска и Тамара Иваноска, голот на Деспина го торпедираа од сите позиции. За ситуацијата да биде загрижувачка и во второто полувреме, мала повреда заработи голманот Ивана Наумоска при тројната интервенција и капитенот Викторија Пеовска при доскок. Натпреварот заврши со резултат 29:17 за ЖРК Куманово.

Следниот натпревар Женскиот ракометен тим од Куманово го игра на гостински терен  со вицепрвакот на Европа ЖРК Вардар од Скопје во салата Јане Сандански во среда со почеток од 18:30 часот, а веќе во петок со почеток од 19:30 часот на домашен терен го пречекува тимот на Вардар Јуниор од Скопје.

Leave a Reply